„Трофеј“ - првенчето на Весна Бејби Петрушевска промовирано во Велес
Култура - Култура
Понеделник, 05 Декември 2016 12:31

Сите сме нечии трофеи во животот. Кога одиме по пат секој сака да не земе како некаков трофеј и да ја избрише прашината со нас, понекогаш да не остави онака по пат, на полица, но не доживува како трофеј, одговори Бејби Петрушевска на новинарското прашање зошто токму „Трофеј“ е насловот на нејзиниот прв автобиографски роман.

Книгата содржи животна приказна, полна со емоции, во која се раскажуваат психолошки состојби кои и се случиле на авторката но, можат да се случат секому. „Трофеј“ е прирачник кој потсетува кој сме, каде сме и што се може да ни се случи.

- Овој трофеј е во сосема друг контекст од перцепцијата на граѓаните за успешната актерка и кариера на Петрушевска. Во него јас пишувам за состојба кога сакаат да ве земат, да ве употребат како трофеј и да ве фрлат по пат. Јас имав голема одговорност да напишам добра книга. Тоа поттикнува одговорност кон самиот себе си а потоа кон читателската публика. Имав голема трема и голема возбуда пред да ја издадам книгата. Кога излезе делото започнав да примам убави пораки и честитки, голем дел од нив во инбокс на Фејсбук. Тоа ми потврдува дека станува збор за убаво читачко дело. И ќе има второ дело бидејќи мојот гуру Игор Џамбазов ми соопшти дека до јули 2017 година ќе треба да излезе „Трофеј 2“, рече Петрушевска.

Промоцијата на книгата „Трофеј“ издадена од издавачката куќа „Три“ се случи во „Драма“ кафе и предизвика голем интерес помеѓу велешани. Вакви настани ретко се случуваат во градот. Но, поголемиот дел од присутните дојдоа на промоцијата на „Трофеј“ за да ја купат книгата со посвета на авторката. Тие што не можеа да бидат дел од промоцијата автобиографското дело на Петрушевска ќе можат да го набават во „Алфа“ маркетите во Велес.

Во нив освен „Трофеј“ на Петрушевска ќе се продаваат и книгите на Игор Џамбазов „Гол човек“, „Облечен човек“ и „Прирачник за анти алкохоличари“. Џамбазов беше промотор на „Трофеј“ во Велес.

- Идејата е да се случи нешто што многу ретко ви се случува во градот. Значи вечерашново дружење овде со читателската публика и тоа што по полноќ ќе се случи во големата Драма ние го нарековме културна револуција во Велес. Овде до полноќ ќе се дружиме со читателската публика а потоа во големата Драма ќе се дружиме, јас Весна и Банкрот блуз бенд и музичката публика. Затоа вечерта ја нарековме културна револуција . И кога велам дека ретко ви се случуваат вакви настани навистина жалам за тоа што можеби уште двајца, тројца луѓе веруваат во можностите на Велес и на граѓаните. А дека не е се турбо фолк, како што е во половина Македонија, потврдува интересот што велешани го покажаа вечерва, што дојдоа тука и ќе дојдат на концертот по полноќ, рече Џамбазов.

На вечерта насловена како „Културна револуција на Велес“ граѓаните покажаа голем интерес и за досега објавените три книги на Игор Џамбазов.

Убавка Јаневска