Засега не е зголемен бројот на пациенти со скршеници во велешка Болница
Регион - Велес
Вторник, 10 Јануари 2017 14:41

По еден или најмногу двајца граѓани дневно бараат помош од лекарите ортопеди во велешката Болница како резултат на здобиени повреди од паѓање на мразот на велешките улици. На хирушкото одделение во велешката болница засега нема зголемен број на интервенции. Таквата состојба е резултат на тоа што граѓаните седат дома и не излегуваат без потреба надвор, на улица, велат лекарите од болницата.

- Кога се скршениците во прашање, деновиве, не бележиме зголемен број на интервенции. Засега ситуацијата покажува дека станува збор за вообичаена пракса од една до две интервенции што се решаваат со гипс и пациентите се пуштаат на домашно лекување, рече ортопедот д-р Јордан Леов.

- За време на дежурството, викендов, ситуацијата беше мирна кога се во прашање повредите како што се скршениците. Еден од пациентите дури рече дека повредата на ногата ја стекнал дома а не на улица. Впечатокот е дека граѓаните седат дома и излегуваат само ако имаат посериозна потреба од обезбедување храна. И тогаш мислам дека со особено внимание се движат на улица, рече ортопедот д-р Кире Марковски.

Лекарите се надеваат дека состојбата ќе продолжи да биде ваква се додека мразот од велешките улици не почне да се топи. Нивните препораки до граѓаните се да седат во своите домови, да пијат топли напитоци, да носат потопла гардероба и да избегнуваат алкохолни пијалоци се додека не помине бранот на поларен зимски студ./У.Ј