Нова премиера во велешки Театар
Моноперформансот на Васил Зафирчев „Шумата на моето дрво“ ја режира Александар Ивановски, според текст на Сашо Димоски и на авторска музика во живо на Сашко Костов. Проектот е копродукција помеѓу „Северно од Импакт“ и Театар „Џинот“ Велес.
Главната тема на која е изградено драмското дејство на моноперформансот е идентитетот на бегалецот и неговите својства.
Поаѓајќи од шумата како личен лавиринт од кој излезот е неможен во зададеното тело, бегалецот одново го измислува сопствениот идентитет: посакуван и невозможен едновремено, полезен и фатален, посакан и неостварлив.
Кокетирајќи со сите чинители на идентитетот, претставата го преиспитува концептот за дом, за туѓина, за другиот, за маргината, за периферијата и за сродните антагонистички термини. Вака поставената мрежа сценски е артикулирана преку комбинација на изразни средства кои техники му припаѓаат на невербалниот театар, па во манирот на танцтеатарот и физичкиот театар, на сцената се обединуваат во единствен производ поточно традиционални и современи техники и методи од различни школи и методологии на промислување на телото во зададен простор.
„Шумата на моето дрво“ е критички поглед кон глобалниот поредок, кој нуди постмодернистички пристап кон третманот на бегалецот, кризата и копнежот по своина, копнежот по припадност. На ова ниво, престставата станува сведоштво за траумата на телото кое има потреба од самоуништување – катарзата се однесува на вечноста на душата наспроти конечноста и ограниченоста на телото.
Премиерата на претставата ќе се одржи утревечер, четврток 27 април, со почеток во 20 часот на Малата сцена на Театар „Џинот“ Велес. Репризното прикажување е на 31 мај, годинава