Рациново признание за 2017-та за романот „Јас и Лин, отпосле“
Романот „Јас и Лин, отпосле“ на Ана Стојаноска во издание на „Блесок“ е добитник на Рациновото признание 2017-та. Одлуката, едногласно, ја донесе жири комисија во состав: Владимир Јанковски, професор Марија Георгиева Димова и драматургот Сашо Димоски, деновиве, откако на годинешниот објавен конкурс од страна на манифестацијата „Рацинови средби“ пристигнаа дваесет апликации.
– Книгата „Јас и Лин, отпосле“ изобилува со бројни интертекстуални постапки како роман во роман, текстови во текст, интертекстуални референции кон различни книжевни и филмски текстови. Се тоа резултира со конструирањето сложена наративна целина, втемелена врз ахронолошка приказна реминесцентна нарација и колажно – монтажна сижејна конструкција. Важна карактеристика на романот претставува и автореференцијална рамка сочинета од коментари на нараторот врз текстот што се создава, врз пишувањето и врз уметноста воопшто и од обраќањата до читателот, рече професор Ѓоргиева Димова на денешното соопштување на добитникот на наградата што се одржа во општина Велес.
Писателката на “Јас и Лин, отпосле“ , Ана Стојаноска соопшти дека романот го напишала пред дванаесет години.
– Романот стоеше во различни фиоки, конкурирав во повеќе издавачки куќи и „Блесок“ го препозна романот и реши да го објави. Ова е многу емотивен момент за мене. Многу важно е за мене, бидејќи Рацин е исклучително важен во мојот живот. За некој што пораснал со Рацин, што добил аманет од родителите, што учел да чита и „Татунчо“ му била омилена песна, што се вљубувал со Антологија на болката, ова признание е чест и гордост. Се надевам дека мојот роман ќе направи промена во македонската книжевност, рече Стојаноска.
Таа е дипломец на Општа и компаративна книжевност на УКИМ што магистрирал и докторирал театрологија. Стојаноскае професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Инаку и припаѓа на помладата генерација добитници на престижната награда.
Наградата се состои од плакета и паричен износ од 60.000 денари.
Наградата ќе биде врачена на годинашните 54 Рацинови средби што во Велес ќе се одржат на 9 и 10 јуни. Културната манифестација ја организира ФАД „Стоби“ преку делегирана надлежност на општина Велес и со финансиска помош на Министерството за култура./У.Ј