Театар „Џинот“ од Велес, во вторник, на 4ти јули, ќе настапи на Фестивалот „Бит Фест“ во Битола со претставата „Театар љубов моја“ од Валери Петров, во режија на Деан Дамјановски. Претставата ќе биде изведена на новата сцена на Народниот Театар Битола во 20 часот.

„Театар, љубов моја“ е македонска праизведба на истоимениот драмскиот текст на бугарскиот автор Валери Петров, напишан во 1981 година за двете големи Бугарски актерки Тања Масалитинова и Славка Славова. Текстот е за весела и тажна претстава, изграден како беседа на две актерки со публиката.

Во оваа постановка на „Театар, љубов моја“ играат четири актерки од четири различни генерации. Четири различни биографии и сензибилитети на сцената во една актерска „гримиорна“ – место каде актерите се шминкаат и преоблекуваат, но и место каде се раѓаат митовите и легендите за театарот.

„Час и половина приказни, случки, досетки, мали закачки и љубомори, кои ја прават актерската „кујна“ толку богата што секој би сакал да ѕирне во неа и да го осети нејзиниот мирис и вкус,“ рече режисерот на претставата Деан Дамјановски.

Во претставата настапуваат актерките Зорица Панчиќ, Кица Ивковска, Кети Борисовска и Талија Настова.

Драматург на претставата е Сашо Димоски, сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Раде Василев, а автор на музиката е Сашко Костов./У.Ј

Поврзани вести

Најново