Шеснаесетото издание на ФАД „Стоби“ започнува во петок, на 13 октомври и по трет пат во зградата на Театар „Џинот“
Од шест претстави во натпреварувачка и две вон конкуренција е составена годинешната програма на Фестивалот на античка драма „Стоби 2017“. Фестивалот по трети пат наместо во археолошкиот локалитет „Стоби“ ќе се одржи од петок, 13 до 21 октомври во зградата на театар „Јордан ХК Џинот“ во Велес. Почетокот на претставите е во 20 часот.
-Бидејќи знаете дека од 2001 па до 2013 година Фестивалот се одржуваше во античкиот локалитет „Стоби“ но, поради големи зафати во античкиот локалитет во согласност со Националната установа „Стоби“ бевме принудени некако а и ја имавме таа среќа да во 2014 година се отвори новиот театар за да го преселиме Фестивалот „Стоби“ на нова локација а тоа е новиот театар „Џинот“ во Велес. Од тие причини сакам да напоменам дека вистинската локација на фестивалот е во античкиот локалитет. Бидејќи ние сме во постојана комуникација со Управата и археолозите и веруваме дека ќе им биде одобрен потребниот буџетот па се надеваме дека до крајот на јуни, в година локалитетот ќе се врати во онаа форма што ја имаше претходно иако ние поднесовме барање за нови локации во локалитетот па се надеваме дека позитивно ќе одговорат. Еве 99 отсто дека фестивалот в година ќе се врати во античкиот локалитет, рече директорот на Фестивалот на античка драма „Стоби“, Зоран Љутков.
Според програмата, во наредните денови, љубителите на театарската уметност ќе имаат можност да ги проследат претставите „Перикле“ на Театарот од Шабац, „Цар Едип“ на Теата „Стефан Киров“ од Бугарија, „Ништо без Трифолио“ на театарот од Прилеп, „Шумата на моето дрво“ копродукциската претстава на Фестивалот „Импакт“ и на велешки театар потоа „ Медеа“ на Театар Казачки од Казахстан, „Филоктет- Медеа“ на Театарот од Западен Казахстан кои ќе се натпреваруваат за фестивалските награди како и претставите од придружната програма „Животот е магичен круг“ на Универзитетот „Есра“ и „Стјуардеси“ на театар Комедија од Скопје.
Театралогот Ивана Јарчевска, режисерот Дејан Дамјановски и актерката Кети Борисовска ја сочинуваат годинава фестивалската жири комисија. Со нивната одлука, на крајот на фестивалот, ќе бидат прогласени најдобрата театарска претстава која ќе биде добитник на Гран при наградата како и најдобрата машка, најдобрата женска улога и најдобриот режисер на кои Фестивалот на античка драма „Стоби“ им доделува статуетка „Афродита“.
Директорот Љутков кој е претседател на ЗГ ФАД „Стоби“, на денешната прес конференција, исто така соопшти дека фестивалот веќе е познат во регионот и пошироко што може да се констатира од големиот број на пријави од театари кои нудат свои престави за учество. Таков пример е претставата „Филоктет- Медеа“ на Театарот од Западен Казахстан што во многу ја олеснува работата на организаторите. Љутков додаде дека Фестивалот на античка драма ,,Стоби,, бил поканет да стане член на Асоцијација на регионални театарски фестивали. Станува збор за фестивали што се одржуваат во летните месеци.
Шеснаесетото издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“ ја има поддршката од Буџетот на Општина Велес со 1.200.000 денари како и од Министерството за култура. Исто така, фестивалот, има и повеќе други спонзори. /У.Ј.