Традиционален саем на книгата во библиотека „Феткин“ во Кавадарци
Во рамки на традиционалната манифестација „Кавадаречка културна есен“ , синоќа, понеделник 30 октомври, во кавадаречката библиотека „Феткин“ по единаесетти пат беше отворен Саем на книгата.
Станува збор за традиционална манифестација во рамките на одбележувањето на месецот на книгата што го организираат библиотеката и општина Кавадарци.
– Ова е само една од многуте програмски активности со цел популаризација на книгата и нашата институција. Еден од начините за остварување на мисијата и визијата на библиотеката – нагласи таа, осврнувајќи се меѓу другото и за огромното значење на книгата, рече директорката на оваа културна установа Трајанка Атанасова.
– Библитеката е една од трите културни установи од општината во кои реализиравме повеќе проекти на задоволство на сите – рече Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.
Тој на свеченото отворање на саемот зборуваше за напорите на локалната самоуправа во изминатиот период, по примерот на големите градови, да им овозможат и на Кавадарчани интересни културни настани. Притоа Панов изрази задоволство од постигнувањата особено од фактот што одржувањето на манифестацијата овозможува книгите да бидат што поблизу до граѓаните.
На саемот се претставуваат повеќе издавачки куќи. Тој ќе трае и во наредните четири дена./А.Д