Велешките археолози открија објект со монументални димензии, што претпел неколку фази на ремоделирање, на Отовичко кале
Археолозите од Народниот музеј од Велес, во текот на октомври годинава, работеа на истражување на локалитетот Кале, кај езерото „Младост“, недалеку од селото Отовица. Според раководителот на проектот д-р Анита Василкова Мидоска основната идеја и цел на овие истражувања била да се утврди обемот на населбата, нејзината стратиграфија и хронологија на егзистирање.
Самиот локалитетот е лоциран на едно возвишение на крајниот источен огранок од ридот Бајраче, до јужниот раб на езерото Младост и со својата позиција имал стратегиска важност контролирајќи ја целокупната велешка котлина и Отовичко поле. Сепак и покрај своето воено-стратешко значење локалитетот досега не е археолошки истражуван и сите сознанија се базирале врз основа на случајни наоди. Тој е определен како прибежиште,збег, што егзистирал во доцноантичкиот период иако на локалитетот, случајно, се пронајдени 13 монети од последните кралеви на македонската династија Филип V и Персеј.
Сега, врз основа на добиените резултати, кои се базираат на движните и недвижните наоди,констатирано е дека локалитетот има широк хронолошки дијапазон на егзистирање од VII-VI век п.н.е. па сè до доцноантичкиот период од IV-VI век н.е.
„Во текот на овие истражувања беа поставени 8 сонди на највисокото зарамнето плато од локалитетот во рамките на одбранбените ѕидини коишто се видливи на терен. Во рамките на истражувањето се откриени делови односно делумно и целосно неколку простории кои преставуваат дел од еден објект со монументални димензии што претпел неколку фази на ремоделирање. Нивното откривање засега само сугерира дека станува збор за објекти за живеење кои се градени од кршен, делумно делкан, камен и кал, а на одредени места се сретнуваат и траги од малтер. Според движните предмети односно според нумизматичките наоди објектот бил во функција во втората половина на IV век н.е. во времето кога римската империја била обземена со конфликти на целата територија. Сепак она што е значајно тоа е фактот што во подлабоките слоеви на истражуваните простории на објектот е откриена и керамика која припаѓа на периодот на VII-VI век п.н.е.што укажува на тоа дека овој простор бил одамна населен. Имено, би сакала да нагласам дека овој културен хоризонт досега не беше евидентиран на локалитетот со што хронолошките граници на неговите почетоци допираат многу подлабоко во минатото“, вели д-р Мидоска.
Таа како раководител на проектот очекува дека понатамошните истражувања ќе дадат попрецизни одговори за намената на откриениот објект. Според моменталната ситуација објектот бил брзо напуштен, веројатно како резултат на пожар, заради тоа што при истражувањата е евидентиран слој кој укажува на опожарување на дел од истражените подрачја.
Инаку, во Народниот музеј моментално археолозите работат на анализа на добиените податоци особено на движниот археолошки материјал и на конзерваторски истражувања Тие се во функција на подготовка на Конзерваторски проект за движни археолошки наоди што потоа ќе бидат презентирани пред стручната јавност и пред поширока публика.
Истражувањата на Отовичко кале финансиски ги помогна локалната самоуправа на Велес./С.А.