Крстевски: „ФАД „Стоби 2018“ ќе се одржи и ич не ме интересира што министерството не дава пари оти сум убеден дека велешани на 22 јули пешки ќе дојдат во Стоби и ќе им прикажеме премиера“
Директорот на велешки театар е фрапиран од одлуката на министерството за култура во 2018 година да не го финансира Фестивалот на античка драма „Стоби 2018“. Но, тој е убеден дека вгодина љубителите на антички театар ќе седат во реконструираниот антички театар и ќе уживаат во театарските престави под отворено небо.
– Фестивал на античка драма во Стоби, вгодина, ќе има. Дали министерството ќе даде или нема да даде пари тоа не ме интересира. Ние во велешки театар одлучивме дека ќе го организираме фестивалот. Еве на кој начин лесно и без пари, ако треба, ќе го направиме фестивалот. Значи во 15 часот на 22 јули во 2018 година ќе гостуваме на медиумите во Велес и ќе ги поканиме велешани во 16 часот да се собереме на Сармаале по што пешки ќе тргнеме кон Стоби. За 4 до 5 часа ќе стигнеме и во 21 часот ќе го отвориме Фестивалот на античка драма во Стоби, рече Крстевски.
Ни до него ниту до уметничкиот директор Васил Зафирчев досега не стигнала официјалната одлука на министерството. Тие засега на оваа тема не оствариле средба со Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски. Тоа планираат да го сторат деновиве бидејќи освен од министерството, ФАД „Стоби“се финансира и од буџетот на Општина Велес.
Но и покрај тоа што министерството одлучило вака, ансамблот на велешки театар „Јордан ХК Џинот“ специјално ќе подготви претстава што премиерно ќе ја изведува на ФАД „Стоби 2018“. Така велешки театар планира да ја возобнови традицијата што пред повеќе од две децении ја започна и која, тогаш, масовно беше посетена од велешката публика. Идејата се крчка и ние веќе темелно разговараме со колегите во театарот, соопшти Крстевски.
– И не само тоа туку ние правиме планови како таа претстава да биде дел од идејата за антички театарски караван. Што тоа значи. Бидејќи цврсто решивме театарот да се врати, во лето, во „Стоби“ тоа значи по одржувањето на премиерата таму исто така одлучивме претставата да ја играме и во античките локалитети Марвинци, Скупи, Баргала, Хераклеа, стар охридски театар или секаде онаму каде што има камче античко ние ќе пробаме да отидеме и да ја прикажеме претставата. Таму каде што нема електрична енергија ние ќе носиме агрегат, рече Крстевски.
Првично, планирањата на велешки театар овој антички караванот се да трае петнаесеттина дена./У.Ј