Велешки театар годинава со девет до десет премиери
Дел од претстави ќе се одиграат на големата и на малата на големата сцена, потоа дел од претставите ќе бидат наменети за изведба на малата сцена во зградата на театарот, како трета, а четвртата е фоајето каде се одржува поетскиот театар. Претстави ќе се одржуваат и во Стоби додека на крајот на месец март или почетокот на април во план е отворање на регионален Театар за деца во Велес под покровителство на велешки театар. Директорот на велеки театар Младен Крстевски ги соопшти претставите што годинава се очекува да ги работи театарот.
– Тоа се „Кралските копилиња“ чиј автор и режисер е Сашо Димовски, драматург на велешки театар и чии проби започнаа. Во понеделник на 12 февруари започнуваат пробите на претставата „Сомнително лице“ во режија на Венцислав Ристов додека во среда на 15 февруари стартуваат и пробите на првата детска, престава за годинава, „Заспаниот Супермен“ во режија на Младен Крстевски, рече Крстевски.
Според програмата на велешки театар во месец април ќе започне со подготовка дипломската претстава на режисерката Елеонора Теова „Елешник“ од Југослав Петровски. Кон крајот на месец мај е планиран почетокот на пробите на современата верзија на античкиот текст на „Лисистрата“ што ќе го режира ерменскиот режисер Хакоб Газанчјан. Тогаш велешки театар всушност ќе се пресели во Стоби каде освен подготовката на оваа ќе се преадаптира на просторот и претставата „Кралските копилиња“ со цел публиката да може да ужива во претстави под ѕвездено небо и во простор што одамна е импресивен.
Кон крајот на месец август или почетокот на септември ансамблот се враќа во велешки театар кога ќе треба да започнат пробите на современата театарска престава „Госпоѓа Министерка“ во режија на Софија Ристевска. Во исто време ќе започне и подготовката на втората претстава за деца. Како и првата „Заспаниот Супермен“ и втората детска престава ќе се прикажува на сцената на општинската сала „Бели Мугри“.
– Се очекува одлуката на Советот на Општина Велес кој треба да даде зелено светло за формирање на регионалниот Детски театар со седиште во Велес. Тоа значи дека претставите освен младите велешанчиња ќе има можност да ги гледаат и децата од Вардарски регион, рече Крстевски.
Според планот за работа на велешки театар, годинава, се планирани подготовки на уште две претстави. Пробите на првата „Ревизор“ во режија на Јани Бојаџи треба да почне во октомври додека кон крајот на ноември или почетокот на месец декември и втората „Салома“ од Југослав Петровски во режија на Благојче Божиновски./У.Ј