Данов: Првото повоено издание на поезијата на Кочо Рацин е од 1945 година
Одамна веќе знаеме дека во 1939 година нашиот сограѓанин, поет и револуционер, Коста Солев Рацин ја издал во Самобор, Република Хрватска, својата стихозбирка „ Бели Мугри “ на македонски јазик . Но, малкумина во Велес знаат кога и каде е издадена прв пат книга на Рацин по неговата несреќна смрт на планината Лопушник во 1943 година. Книгата „Песни“ од Кочо Рацин, издадена 1945 година во Скопје, од Друштвото на уметници, книжевници и научници што го отпечатила печатницата „Гоце Делчев“, е првото повоено издание на делата на овој наш поет и револуционер.
Велам ,првото повоено, бидејќи во литературата се сретнува податокот дека првото издание на делата на Кoчo Рацин датира од 1952 година. Но, постои уште едно издание на песните на овој наш поет од 1944/45 година, а е умножувано на гештетнер во Штип и Битола. Ова издание, кое го има во Музејот во Битола ,било наменето за интерна употреба. Било издадено од тогаш формираниот АГИТПРОП (Одделение за агитација и пропаганда) на НОВ, а се употребувало за читање на поезијата на Рацин на митинзите кои НОВ ги организирала во ослободените села и градови ширум Македонија.
Ова сепак не е печатено издание и воглавно во него се наоѓаат песните од стихозбирката „Бели Мугри“.
Оваа книга која е пред Вас всушност е дел од првата трилогија која е издадена во печатницата „Гоце Делчев“. Првата, воопшто печатена книга во слободна Република Македонија, е всушност збирката поезија „Песни“ од Ацо Шопов, во која за прв пат е испечатена антологиската песна „Очи“, а е посветена на неговата штотуку загината другарка и соборец Вера Јоциќ.
Збирката „ Песни“ од Кочо Рацин е второ – издадена, а трето-издадената книга е „Песни“ од Коле Неделковски.
Стихозбирката „Песни“ од Кочо Рацин е со формат А5, печатена на груба хартија, рачно сложена со оловни букви. Освен песните од стихозбирката „Бели Мугри“, ги содржи и неколкуте други предвоени издадени песни на овој поет на српско-хрватски јазик.
Многу интересен детал на почетокот на книгата е рачно нацртаниот портрет на поетот Кочо Рацин, како и воведот , напишан од нашиот академик професор Димитар Митрев. Во него Митрев, покрај рецензијата на делото на Рацин пишува и за почетоците на формирањето на македонскиот литературен јазик, признавајќи го велешкиот говор како основа на нашиот македонски литературен јазик.
Освен тоа, токму овој вовед содржи некои сеуште малку познати и неистражени моменти од животот на Рацин. Сметам дека токму овој дел од книгата е добра појдовна основа за литературно и лингвистичко толкување на јазикот со кој Рацин твори и неговата рефлексија на македонскиот литературен јазик кој го формулираат Блаже Конески и Круме Кепески.
Во книгата „Песни“ од Коста Рацин се ноѓаат песните од стихозбирката „Бели Мугри“, потоа статиите „До еден работник“, песната „Ватромет“ напишана на српско-хрватски јазик,, поемата „ Сандански“, кои се наоѓаат на крајот на книгата како додаток.
Ова книга е раритет и јас единствениот примерок кој го имав го поклонив на велешката гимназија „Кочо Рацин“, првата гимназија во Македонија, која има несомнено право да го чува и негува делото на својот патрон и каде ова дело ке биде трајно зачувано.
Се надевам дека ова книга ке биде предмет на опсервација и научно-стручна обработка, со цел да се разоаткријат нови моменти од творештвото и специфичноста на делото на авторот.
Треба да го знаеме подобро секој дел од историјата на Велес, за да го сакаме повеќе!
Данов Љупчо