Традиционален великопосен концерт на МЦХ „Свети Кирил и Методиј“
Во слава и чест на Спасителот, Господ Исус Христос, хористките на Младинскиот црковен хор „Свети Кирил и Методиј“ во ново отворениот духовен храм што го носи името македонските просветители во Велес годинава го одржаа Великопосниот концерт.
На концертната програма беа делата на Артемиј Ведел „Покајанија отверзи ми двери“, Сергеј Рахмањинов „Богородице дево“, Јулијана Денисова „Утоли моја печали“, Павел Чесноков „Приидите, ублажим Иосифа“, на Петар Динев „Достојно ест“, на Александар Касталски „Дева днес“, на Тодор Скаловски „Величанија Кирилу и Методију“ на Веселинка Маџарова Андова „Сретение Господово“, на Павел Чесноноков „Да исправитсја молитва моја“ и Николај Кедров „Ниње отпуштајешу“ под диригентската палка на Веселинка Маџарова Андова.
Таа се заблагодари особено на родителите на хористките кои партиципирале во патувањата на хорот.
– Си земав голем товар на грб, ова се се многу тешки хорски изведби со кои се презентира градот, државата и црквата што преставува наша сатисфакција. При настапите на натпреварите морам да кажам дека на натпреварувачките фестивали имаме голема конкуренција па затоа мораме да подготвуваме тешки и издржани духовни песни, рече Маџарова Андова.
Годинешниот великопосен концерт се совпадна со петгодишниот јубилеј на Младинскиот црковен хор на Повардарската епархија „Свети Кирил и Методиј“ и со неодамна освоената вредна награда на фестивалски натпревар во Белорусија која им ја честита Митрополитот Повардарски, Агатангел. Концертот се одржа во саботата, на 10 март./У.Ј