Во Ликовен салон во Велес отворена изложба на дела од Меѓународната Кичевска ликовна колонија
Од шеснаесет уметнички дела и 4 фотографии кои претставуваат дел од поголем корпус на уметнички дела креирани на 24 Меѓународна Кичевска ликовна колонија е составена изложбата во Ликовниот салон во Велес.
– Самиот податок дека станува збор за 24 години успешно опстојување на оваа манифестација во голема мера го презентира заедничкиот уметнички импулс на организаторите и уметниците учесници. Делата сите години наназад се создавани во креативна, творечка и релаксирана атмосфера во хотелот „Куќа на уметноста“ сместен во живописниот и богооблагороден простор на атарот на селото Кнежино. На оваа колонија земаа учество 21 уметник, еминентни ликовни уметници, академици и професори од 14 држави и тоа: Казахстан, Сев. Кипар, Индија, Иран, Италија, Египет, Романија, Словенија, Турција, Косово, Србија, Хрватска, Бугарија и Македонија. Народниот Музеј во Велес ги презентира делата на 11 творци: Весна Секулиќ – Косово, Весна Опаски – Србија, Марат Бакејев – Казахстан, Пунам Чандрика Тајги – Индија, Ахмет Ерман Карагоз – Северен Кипар, Анита Моноскалко – Италија, Лулзиме Османи – Македонија, Јашар Чали – Турција, Костин Братеуни – Романија, Хала Ел Шаруни – Египет, Акмар Жиенгалијева – Казахстан, рече на синоќешното отворање на изложбата директорката на музејот Анита Мидовска.
Делата се изработени во различна техники: акрил на платно, масло на платно, комбинирана техника и графики кои придонесуваат кон една богата колоритна рефлексија на целокупното творештво на учесниците. Сите уметници доаѓаат од подрачја кои во себе ја имаат вткаено историјата не само на своето тло туку со големи букви ја имаат испишувано и светската историја на човештвото. Токму овој вткаен генетски код на секој автор заедно со нивниот сопствен ликовен јазик нѝ овозможува широк дијапазон на разновидни дела кои го отсликуваат светот на уметникот.
– Генерално говорејќи, секоја уметничка колонија има сопствена историја што ја надополнува мозаичната слика на современата уметност и во струните на времето прераснува во тестамент на историјата како и залог за иднината. Колонијата во својата суштественост претставува не само дијалог на уметникот со самиот себе, тоа е и дијалог на уметникот со сето она што го опкружува, а пред сѐ и над сѐ меѓусебен дијалог на авторите – учесници кои независно од сопствените „ликовни ракописи“ ја будат, генерираат и презентираат онаа уметничко-духовна нишка која вткаена како лична карта на духовниот свет на секој автор придонесува во креирањето на големата слика која во себе ја носи ликовната колонијата, додаде Мидовска.
Далеку од „цивилизацискиот ремет“ во атмосфера во која природата е единствениот двигател и придружник на уметникот делата на уметниците што можат да ги видат велешани ја рефлектираат синергијата помеѓу опкружувањето и уметничкиот дух на секој автор./У.Ј