Велешки театар со претставата „Тоалет за дами“ на фестивалот „Војдан Чернодрински“
Со претставата „Тоалет за дами“ на современиот венецуелски драмски писател Родолфо Сантана, во режија на Дејан Дамјановски, велешки театар „Јордан Х.К Џинот“ ќе учествува на годинешното издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Претставата ќе биде прикажана во официјалниот дел на фестивалот.
Станува збор за претстава во која дејството преку приказни го развиваат десет жени, еден маж и еден травестит навечер во еден женски тоалет на ноќен клуб и се силно асоцијативни со приказните кои се случуваат или раскажуваат во било кој тоалет во било кој ноќен клуб од секојдневието. На овој начин, театарската претстава станува згусната слика за светот на обичниот човек, своеволно „внесен“ во еден тоалет за дами.
Во претставата настапуваат актерките Зорица Панчиќ, Весна Димитровска Бобевски, Кица Ивковска, Ирена Илиевска, Кети Борисовска, Маја Љутков, Талија Настова, Марија Стефановска, Драгана Босниќ и Слободанка Чичевска. Машкиот лик го толкува актерот Александар Велјановски а ликот на травеститот, актерот Васил Зафирчев./У.Ј