Коцевски: Рациновите средби треба да бидат една од трите најважни културни манифестации во Република Македонија
На 55 Рацинови средби, што годинава ќе се одржат на 13, 14 и 15 јуни, ќе учествуваат еминентни писатели, поети и академици. Во родниот град на поетот Кочо Рацин, Велес, ќе се одржат повеќе научни содржини. Тридневната манифестација ќе има и богата културно – уметничка програма со два концерти на македонскиот и светски виртуоз на гитара Влатко Стефановски и етно-групата Љубојна.
– За мене Рациновите средби треба да бидат една од трите најважни културни манифестации во Република Македонија заедно со Охридско културно лето и Струшките Вечери на поезијата. Тоа за жал во моментов не е така. Затоа наш императив е да го вратиме стариот сјај на Рациновите средби и Велес повторно да биде препознатлив по Рацин и Рациновите средби наместо по питијадата и други маргинални манифестации, рече градоначалникот Аце Коцевски .
Во годината кога се одбележуваат трите значајни јубилеи, 110 години од раѓањето, 75 години од смртта на Коста Солев Рацин и 55 издание на културната манифестација „Рацинови Средби“ програмата ги содржи оддавањето почит на најголемиот македонски поет на Лопушник и во Велес, на Спомен-костурницата и спомениците на Коста Солев Рацин како и засадување на садници во Рациновата шума. Изложба на портрети на Рацин од академскиот сликар Ангел Петров, поетски митинг со учество на 20 поети од земјава и странство како и Меѓународна конференција на тема „Афирмацијата на статусот и корпусот на македонскиот стандарден јазик – Рацин и македонскиот јазик“ во организација на Советот за македонски јазик при Владата на Република Македонија.
Програмата вкулучува промоција на книга од проф. д-р. Вера Стојчевска Антиќ посветена на Коста Солев Рацин. Годинава честа да ја напише Беседата за Рацин ја има проф. д-р. Кристина Николовска.
Наградите Антологија на болката, Почесното Рациново признание и Рациновото признание за 2018 година ќе бидат доделени на 15 јуни во Велес.
На јубилејните „55 Рациновите средби“ концерт ќе одржи и Камерно- црковниот хор „Св. Великомаченик Пантелејмон“.
Главните свечености ќе се одвиваат во Народниот театар “ЈХК-Џинот“. Доколку дозволат временските услови и техничките можноссти манифестацијата ќе се одржува на отворено, во Младински парк и ќе биде отворена за сите велешани./У.Ј