Изложба на Илина Арсова во Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци
Во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци, вечерва, ќе биде отворена изложба на ликовната уметничка Илина Арсова, насловена како “Спам“.
Изложбата ја сочинуваат серија од мали формати, а колажите се изработени од рециклиран отпаден материјал, како што се текстил, хартија и слично.
Според историчарот на уметноста Викторија Димеска насловот на изложбата доаѓа од отпадното сандаче.
– Како резултат на долгогодишните истражувања на темата рециклирање, во перидот од 2013 до 2018 Арсова креирала колажни слики кои се состојат од различни домашни отпадни материјали, со една и единствена цел – да ја потсети публиката на несовесниот консумеризам и на неразумното потрошувачко општество, укажувајќи кон еден совесен и хуманистички пристап за заштита на животната средина, преку рециклирање на отпадниот материјал. Како подлога се среќаваат разнородни материјални, коишто најчесто на самиот крај завршуваат со сликарска интервенција – цртеж и боја. Во светски рамки творештвото на Илина може да се спореди идеолошки со Поп арт и Реди мејд, напиша Димеска.
Отворањето на изложбата е закажано за 20 часот./У.Ј