Посетен Лопушник и оддадена почит на Рацин – започнаа јубилејните 55 Рацинови средби
Со посетата на Лопушник, местото каде што е загинат Кочо Солев Рацин, денеска започна програмата со која Општина Велес ги одбележува јубилејните 55 Рационови средби. Манифестацијата годинава одбележува уште два големи јубилеи поточно 110 години од раѓањето и 75 години од смртта на поетот и револуционер Коста Солев Рацин.
Делегацијата на Лопушник ја предводеше градоначалникот на Велес, Аце Коцевски а во неа учествуваа ученици кои рецитираа поезија на Рацин, како и граѓани и бизнисмени.
Тридневната културно поетска манифестација продолжува утре, четврток 14 јуни во 18 часот кога на Спомен костурницата ќе биде положено свежо цвеќе и добитниците на Рациновото, Почесното Рациново признание и на наградата Антологија на болката ќе засадат млади садници во шумата на Рацин. Петнаесет минути подоцна почит на безвременскиот поет ќе му биде оддадена пред споменикот на плоштадот во центарот на Велес а потоа и пред споменикот во паркот пред Гимназија „Кочо Рацин“. Во холот на театарот „ЈХК Џинот“ со почеток во 19.30 часот ќе се одржи промоцијата на поштенската марка со ликот на Рацин за потоа да биде отворена изложба на портрети на Рацин насликани од академскиот сликар Ангел Петров. Во 20 часот ќе бидат отворени 55 Рацинови средби на кои по одржувањето на Поетскиот митинг концертен настап ќе има Влатко Стефановски.
Во петок, на 15 јуни, со почеток во 11 часот во велешки театар ќе се одржи Меѓународна конференција на тема „Унапредување на статусот и корпусот на македонскиот стандарден јазик, Рацин и Македонскиот јазик“. Посетата на Спомен куќата на Рацин, е закажана за во 19 часот кога ќе биде промовирана книгата „Влогот на Конески во Рацин“, од проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ. Еден час подоцна во велешки театар ќе бидат доделени наградите Рациново признание, Почесно Рациново признание и Антологија на болката. Свеченото затворање на 55 „Рацинови средби“ годинава ќе биде со одржување на концерт на групата Љубојна. /У.Ј