На 55 Рацинови средби промовирана поштенска марка со ликот на Кочо Рацин
Годинава кога родниот град Велес ги одбележува трите јубилеи поврзани со творештвото и делото на великанот 110- години од раѓањето, 75 години од смртта и 55 Рацинови средби, Македонски пошти издаде марка со ликот на Кочо Солев Рацин. Поштенската марка беше промовирана синоќа, на првиот ден од јубилејните средби. Пред присутните граѓани, поети и писатели, почитувачи на ликот и делото на поетот, претставници на Македонската академија на науки и уметности, на Друштвото на писатели на Македонија, вработени во Македонска пошта, во општина Велес марката ја промовираше директорот на ИТ секторот во ЈП Македонски пошти,Данчо Стојановски.
Јавното поштенско претпријатие мотивацијата да издаде поштенската марка ја пронајде во богатата творечка природа што извира од перото на поетот која исто како и неговиот пишан збор претставува мост за меѓусебна комуникација и за полесно премостување на далечините.
– Поштенските марки, исто како и пишаниот збор, претставуваат моќно средство за пренесување на пораки на кои е претставена богатата творечка природа која извира од корените на животот вдаховена во богатата традиција на нашите предци. „Го земам твоето име како свое, а затоа ти подарувам бесмртност“ ќе напише Рацин на една од 31 дописна картичка посветени на Рахилка Фирфова што покажува колку писмото со поштенската марка е бесмртно и вечно. Поштенската марка преставува нераскинлив дел од историјата и културата на секој народ. И со право ова мало парче хартија во себе ги содржи сите компоненти на совршена уметност,рече Стојановски.
Новата поштенска марка со ликот на Кочо Рацин, издадена е по повод 75 годишнината од неговата смрт. Таа е дело на Лариса Живковска Донев. Издадена е во тираж од 6.000 примероци со номинална вредност од 18 денари.
Марката на Коста Рацин се очекува да се најде на голем број картички, писма и ќе биде неодминлив примерок на филателистичките колекции./У.Ј