Интернационалниот Фестивал на античка драма од 19 – 29 јули во археолошкиот локалитет „Стоби“
Со премиера на претставата „Лисистрата“ од Аристофан на велешки театар во режија на Хакоб Газанчијан во четврток на 19 јуни, свечено ќе биде отворен 17 Интернационален фестивал на античка драма „Стоби “. Фестивалот се враќа во амфитеатарот на археолошкиот локалитет „Стоби“. Свеченото отворање ќе започне во 21 часот.
-Многу сум задоволен што фестивалот се враќа на местото на кое припаѓа, во античкиот локалитет „Стоби“. Во светот постојат илјадници театарски фестивали, сите личат еден на друг, а овој е карактеристичен и исклучителен затоа што овозможува живот за текстови кои што се напишани пред 2000 години а можеби и повеќе, рече членот на Организацискиот одбор и директор на театарот во Велес, Младен Крстевки.
Годинава во официјална фестивалска конкуренција , освен претставата „Лисистрата“, љубителите на театарската уметност ќе можат да ги проследат и претставите „Јулие Цезар“ на Народен театар од Битола, што ќе се прикаже во петок, на 20 јули,потоа „Ардалион“ на Ереванскиот државен театар на пантомимата во недела на 22 јули, „Кралските копилиња“ на велешки театар во четврток на 26 јули и „Нерон“ на Жамбилски регионален руски драмски театар од Казакстан во сабота на 28 јули.
Претседател на Жири комисијата на Фестивалот е рускиот главен режисер на театарот Камерна сцена од Москва, Николај Јунович Круглов а членови се актерот Мето Јовановски и театрологот Ана Стојановска професор на Факултетот за Драмски уметности во Скопје.
Фестивалот ќе биде затворен со доделување на наградите за најдобра женска улога, за најдобра машка улога, за режија и Гран при за најдобра претстава, во недела на 29 јули кога во чест на наградените велешки театар ќе ја одригра претставата „Лисистрата“.
Организациониот одбор на ФАД „Стоби“ годинава воведува нови содржини од кои се очекува да го подигнат квалитетот на културната манифестација.
– На 20 јули, петок, во НТ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ со почеток во 11.30 часот ќе биде отворена изложбата „Дневник – Театар Џинот во Стоби“ сеќавања на авторот Сашо Димовски. Веднаш потоа во театарот ќе се одржи првата тркалезна маса насловена „Античка плоча“. Вакви тркалезни маси за театарските уметници ќе одржуваат по секоја театарска престава одржана на фестивалот или вкупно пет на кои уметниците ќе дискутираат за античките драми, рече претседателот на Организацискиот Одбор на ФАД „Стоби“ Драган Миладиновски.
Општина Велес е организатор на фестивалот кој е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија со 800.000 денари за подготовката на премиерната престава „Лисистрата“. Покровители на фестивалот се компаниите „Макард“ и „Делта пром“.
Организаторите ќе обезбедат превоз од Велес до Стоби составен од пет автобуси што ќе поаѓаат од плоштадот пред поранешната стоковна куќа. Влезниците нема да се наплатуваат туку бесплатно ќе можат да се подигнат од билетарата на велешки театар или во самите автобуси, пред поаѓањето./У.Ј