На 17 ИФАД „Стоби 2018“ публиката под дожд ја проследи премиерата на претставата „Лисистрата“
Ниту дождот не ја демотивира публиката која по неколку години повторно до последно место го исполни амфитеатарот во Археолошкиот локалитет „Стоби“ каде во четвртокот, на 19 јули започна 17 Интернационален Фестивал на античка драма . „Стоби 2018 “ беше свечено отворен со претставата „Лисистрата“ работена по античкиот текст на Аристофан во режија на ерменскиот режисер Хакоб Газанчијан.
Дејството на претставата беше сместено во бордел. Инаку станува збор за современа претстава што режисерот првично, поточно пред пет години, имал намера да ја постави во Државниот театар во Киев, Украина но се случиле след од настани што не овозможиле реализација на проектот, рече режисерот Газанчијан.
– Јас многу го сакам Аристофан. Оваа верзија на претставата живееше во мене и морав да ја реализирам некаде. Се подготвував да ја поставам во Ерменија а кога дојде поканата од Младен Крстевски јас веднаш помислив: Претставата може да се постави во Стоби. Тоа е мојот однос кон класичните пиеси. Ако е херојот препознатлив за публиката значи има смисла да се работи. Специјално не ја променив концепцијата. Потсвесно сметав дека вака ќе биде добро и интересно да ја поставам претставата, рече Газанчијан.
Тој додаде дека актерите брзо ја уловиле неговата идеа и се заблагодари на нивниот ангажман и високо професионална одработка бидејќи претставата била готова уште пред 15 дена како и на публиката, која и покрај дождот, седеше и гледаше како да има сонце.
Актерот Васил Зафирчев кој го игра ликот на Пратеникот во претставата и за кого оваа премиера под дожд ќе ја памети долго.
– Многу сме среќни. По долги години се вративме во Стоби. Чувството да се игра и да се работи тука е посебно. За мене вечерва најголема поддршка беше публиката која и покрај дождот, мокра до гола кожа, заедно со нас, со актерите остана до крај да ја проследи претставата. Ова ни беше најдобра изведба иако претставата беше готова пред две недели. Дождот создаде посебна атмосфера. Јас пред 15 години, во истоимената претстава настапив толкувајќи го ликот на Лисистрата, ако помните и тогаш го отворивме фестивалот исто како и вечерва кога настапив играјќи го ликот на Пратеникот. Кругот е затворен. Но се отвора некој нов циклус, кој очекувам да донесе нови млади уметници, млади таленти, млади режисери, млада публика на фестивалот, рече Зафирчев.
Во улогата на „Лисистрата“ настапи актерката Ирена Илиевска , ликот на Калоника го толкува Марина Поп Панкова, Мирана ја игра Кети Борисовска, ликот на Лампита го толкува Талија Настова, Страдимир го игра Самоил Стојановски, ликот на Филург го толкува Драгана Босниќ, Спартанскиот амбасадор го игра Жарко Спасовски, ликот на Кинесиј го толкува Фаик Мефаиловски а Телохранителите ги играат Кире Ацевски и Ане Павлов.
Режисер, сценограф, сценска адаптација и музика се на Хакоб Газанчјан на кого во делот на сценографијата му асистира Софија Стојановска. Костимограф на претставата е Катерина Чукниева.
Вечерва на Фестивалот е претставата „Јулие Цезар“ на Народниот театар од Битола. Освен велешани претставите можат да ги следат и сите граѓани кои ќе дојдат од Кавадарци, Неготино, Градско или од Скопје. Влезот е слободен./У.Ј