Битолски театар со преставата „Јулие Цезар“ на втората вечер на ИФАД „Стоби“
Шекспировиот „Јулие Цезар“ е клучно театарско дело за суштината на републиканското уредување на државата и опшеството. Доколку не е res publica поточно нешто што им припаѓа на сите граѓани, значи заедничко дело, државата неизбежно станува cosa nostra или дело на мафијата, дело и сопственост на една група а општеството се раздробува и исчезнува.
Претставата „Јулие Цезар“ што актерите на битолски театар ја одиграа во петокот, на 20 јули, во амфитеатарот на античкиот локалитет Стоби, во официјалната програма на седумнаесеттиот Интернационален фестивал на античка драма ги следи сите Шекспирови крвави прашања кои извираат од начелното прашање: „Дали да ја убиеш тиранијата на време, кога уште е во лушпа или подоцна таа да те убие тебе?“.
Во претставата ликот на Цезар го толкува актерката Соња Михајлова, ликот на Марко Антоние актерот Иван Јеричиќ, ликот на Цицерон актерот Петар Горко, ликот на Марко Брут актерот Борче Ѓаковски, ликот на Касие актерот Никола Пројчевски, ликот на Каска актерот Мартин Мирчевски а ликот на Цина актерот Александар Стефановски. Во претставата настапуваат и актерите Елена Моше, Кристина Христова, Маја Андоновска Илијевски, Викторија Степановска Јанкуловска, Валентина Грамосли, Илина Чоревска и Сандра Грибовска.
Режијата и сценската адаптација се на Златко Паковиќ. Драматург е Билјана Крајчева. Автор на сценографијата е Филип Јовановски, на костиморафијата Благоја Мицевски а на музиката Оливер Јосифовски. /У.Ј