Меѓународна стрип-колонија „Рашка 2018“
На брегот на живописното Семетешко Езеро, во непосредна близина на Рашка, од 3 до 7 август беше одржана меѓународната стрип-колонија „Рашка 2018. И оваа година, исто како и претходните, не помина без македонските стрип-уметници.
Стрип-колонијата во Рашка, која по својот карактер е уникатна не само во Србија туку и во целиот регион, се одржува традиционално веќе седми пат. Таа беше во организација на Центарот за култура, образование и информирање „Градац“, Клубот на ликовните уметници „Рашка школа“, Канцеларијата за млади и Општина Рашка. Покрај учесниците од стрип-школите од Белград, Лесковац, Никшиќ и од домаќинот Рашка, учество на оваа петдневна манифестација зедоа и претставници од Македонија.
„Трет пат сум во организацијата на стрип-колонијата во Рашка. Соработката со стриповските уметници од Македонија сите три години е на највисоко ниво“, вели историчарката на уметност Данијела Матовиќ,воедно и вработена во канцеларијата за млади на општина Рашка. „Од почетокот се со нас. Со своето несебично знаење и искуство придонесоа да се зацврсти темелот на нашиот настан, а со својата љубезност и добра комуникација со другите учесници ја направија и атмосферата во Рашка попријатна и потопла. Очекувам дека соработката и во иднина ќе биде продолжена. Македонија има одлични претставници на деветтата уметност, кои во најдобро светло ја претставуваат надвор од нејзините граници“, што е резултат на меѓународниот ангажман на Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес и на неговиот проект-менаџер Томе Трајков..“
Несебично подучувајќи ги младите таленти и откривајќи дел од малите тајни на големите мајстори, свои излагања на колонијата имаа Дарко Стојановиќ и светски познатиот сликар и стрип-автор Петар Меселџија. Предавања одржаа и членовите на некогашната култна уметничка група „Београдски круг 2“, неповторливиот Жељко Пахек и секогаш елоквентниот Бојан Ѓукиќ кој воедно имаше и изложба. А во позначајните имиња од 30-ината годинашни учесници се вбројуваат и Владимир Весовиќ, Горан Трајковиќ, Милош Цветковиќć, Илија Никчевиќ и Машан Савелиќ.
Во рамките на колонијата беше промовиран петтиот број на српската стрип-ревија „Рас комик“, во кој, меѓу другите, е објавен и стрип од 12 страници на сценаристотАлександар Стеванов од Штип и на илустраторот Дарко Богданов од Виница. А покрај споделените искуства и договорените идни меѓународни проекти и соработки, на маргините на оваа манифестација беше претставен дел од поновата македонска стрип-продукција, вклучително и последните два броја на магазинот „Стрип креатор“.