Се реобновува култниот кавадаречки рок фестивал „Тиквеш Рок Фест“
По 26 години од првиот и 21 година од третиот “Тиквеш Рок Фест“, фестивалот се возобновува и годинава ќе се одржи на 13, 14 и 15 септември во Кавадарци. Освен главниот концерт, фестивалот прераснува во мултимедијален настан што како сопствени содржини во подпрограмата го има сегментот “Алтернативни пејсажи“ кој е дел од Манифестацијата “Нов културен бран 2018“ на Министерството за култура на РМ. Настанот ќе се одржи на 13 и 14 септември.
На првиот ден на “Тиквеш Рок Фест 2018“ ќе се одржи промоција во живо на новиот сингл на кавадаречкиот рок бенд “Leksikon” – “Нова скала“ во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци со почеток од 20 часот додека на вториот ден на истото место во 20 часот ќе биде отворена изложба насловена како “Oblivion”на ликовниот уметник – графичар Трајче Јованов од Кавадарци. Триесет минути подоцна ќе биде промовиран и првиот албум на кавадаречкиот рок бенд “Smoke Shakers” – “Stand Together”. За сите љубители на рок музиката албумот ќе биде достапен по промотивна цена.
Голем рок настан на кој со целовечерен концерт ќе настапат кавадаречките рок бендови Leksikon и Bad-Ass-All како и специјалните гости на вечерта култниот македонски рок бенд Last Expedition ќе се одржи во сабота на 15 септември со почеток во .
“Тиквеш Рок Фест 2018“ е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија и помогнат од Локалната самоуправа на општина Кавадарци како и Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци.
Имено, “Тиквеш Рок Фест 2018“ е во организација на Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци, кое од своето основање во 2012 година, континуирано организира алтернативни културни случувања како што се рок и џез концерти, изложби, поетски рецитали, урбани меморијални настани, фестивали и сл.
Во Здружението членуваат познати кавадаречки музичари, актери, ликовни уметници, поети и други истакнати граѓани. Здружението досега било организатор на седум изданија на меморијалната манифестација “Денот кога се роди добриот човек“, посветена на еден од урбаните легенди на град Кавадарци Дејан Костов Лиса и три изданија на Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо“ посветена на еден од најдобрите македонски и кавадаречки ликовни уметници Ристо Соколов Сокол.
Минатата година “Алтер центар“ ја организираше во Кавадарци големата манифестција “Кога Кавадарци свиреше Rock’N’Roll“ посветена на 25 години од оддржувањето на првиот “Тиквеш Рок Фест“. Овој рок фестивал доживеа само три изданија (1992, 1996 и 1997).
Инаку, на првото издание на „Тиквеш Рок Фест“ во 1992, учествуваа 12 демо бендови од Кавадарци и Неготино, гости беа Зијан, Боб Рок и Александрија, а победници беа “Skylab” од Кавадарци. Четири години подоцна, следејќи ги светските трендови, фестивалот беше акустичен и на него учествуваа бендови од цела Македонија. Тогаш победи бендот “Nerv“ од Кавадарци а фестивалот “Тиквеш Рок Фест Unplugged ‘96“ за гости ги имаше групата Анастасиа, Влатко Стефановски Трио и Last Expedition. Концертот на Анастасиа беше прогласен за концерт на годината во Македонија на манифестацијата “12 Величенствени“. Во 1997, кога се одржа за последен пат „ Тиквеш Рок Фест“ беше стандарден, електричен и ревијален, со учество на рок бендови од Македонија, Бугарија и Црна Гора./У.Ј