Концерт на пијанистката Попивода во велешки театар
Пијанистката Ема Попивода ќе го претстави својот концертен проект „Македонски ноктурна“ пред љубителите на класичната музика во Велес.
На програмата ќе бидат изведени композиции базирани на македонските народни песни од македонскиот композитор Димитрије Бужаровски, кои се преработени во класичен стил со примеси на џез, импресионизам, експресионизам итн. Иако композициите се напишани во пијанистичкиот стил на Шопен и Лист, музиката сепак е разбирлива и лесно прифатлива за слушање за публиката поради препознатливите теми од македонските народни песни: „Зајди, зајди“, „Дали паметиш Милице“, „Калеш Анѓа“, „Јовано, Јованке“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Деспина“, „Море сокол пие“, „Шеќерна“, „Трнушко“ итн.
За овој концерт е снимено и промотивно видео за композицијата „Зајди, зајди“ кое стана вистинска сензација на Youtube каналот како и на другите социјални мрежи. Концертот е изведуван и во Њујорк, Токио, Лондон, Рим, Будимпешта, Брисел и Гдањск, каде е високо оценет од тамошната музичка критика и за изведбата и за композициите.
Концертот ќе се одржи во среда, на 26-ти септември, на Малата сцена на Театарот „Јордан Х.К-Џинот“, Велес со почеток во 20 часот. како дел од манифестацијата „Нов културен бран“ 2018 и од мини концертната турнеја на пијанистката Попивода. Влезот е слободен. /У.Ј