Со претставата „Синиот портокал“ велешки настапува на манифестацијата „Бела ноќ“ во Драмскиот театар во Скопје
Со претставата „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски театарот „Јордан Х.К-Џинот“ од Велес ќе настапи на манифестацијата „Бела ноќ“ во Драмскиот театар во Скопје.
„Синиот портокал“ е драма за современата психијатрија, за застарените методи на лекување и беспомошноста на докторите да ги лекуваат своите пациенти без седативи. Во време на глобализација кога сакаме да ги надминеме табуата за разликата во бојата на кожата, националноста и културните наследства кои ги носиме во себе, оваа претставата топло ја брани неправдата која ја нанесуваме некогаш преку негативна, а некогаш преку позитивна дискриминација.
Драматург на претставата е Катерина Момева, сценографијата е на Филип Коруновски, а автор на музиката е Сашко Костов. Во претставата настапуваат актерите Фаик Мефаилоски, Самоил Стојановски и Жарко Спасовски.
„Синиот портокал“ е една од најизведуваните претстави на Велешкиот театар со над 40 изведби на репертоарот на театарот. Претставата досега беше изведена и во Центарот за култура во Радовиш, фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, „Скопско лето“, Македонското културно лето во Албанија, фестивалот „Св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, како и на фестивалот „Ин Виница веритас“ во Виница.
За улогата на Ерџан, актерот Фаик Мефаилоски ја доби и наградата за најдобро актерско остварување на Македонското културно лето во Албанија.
Гостувањето во Скопје е во сабота, на 6-ти октомври, во Драмскиот театар со почеток во 20 часот./У.Ј