Заврши проектот за обнова на крстилницата во Епископската базилика во Стоби (ВИДЕО)
Зaвршена е реставрацијата на монументалната Епископска базилика во Археолошкиот локалитет „Стоби“, на еден од најепохалните споменици на локалитетот. Таа е реткост во светот. Епохалното откритие, на чија конзервација две години работеа Археолозите е отворена за туристите што при посетата на локалитетот ќе можат да го видат во целиот негов сјај. Исто така заштитен е и мозаикот од крстилницата.
– Археолошкиот локалитет Стоби, е сведоштво за еден жив град, за крстопат на кој се среќавале патници, трговци и граѓани на тогашните европски цивилизации, кој одушевувал со своето богатство преточено во прекрасните градби какви што биле амфитеатарот, епископските базилики, палатите на администраторите на римската империја, градскиот плоштад, рече Претседателот на Владата Зоран Заев.
Тој додаде дека епископската базилика заедно со крстилницата кои во стариот град Стоби го сочинуваат најзначајниот и највеличенствениот ранохристијански комплекс во Република Македонија покрај поддршката од Министерството за култура, се реализираше и со поддршка на амбасадорскиот грант на Амбасадата на САД во Република Македонија, како трет грант за локалитетот Стоби.
Грантот е вреден речиси 89 илјади американски долари наменет за овој археолошки локалитет откако претходно првиот изнесуваше 15.000 долари и беше наменет за истражувања на Римскиот форум во Стоби додека со следниот во висина од 72.600 долари се заштитија фреските од базиликата.
– Вашата работа остава особен печат како што е познатиот мозаикот со паун кој што се смета за симбол на македонско извонредно културно наследство. Луѓето од оваа земја но и луѓето ширум светот ги ценат вашите напори, рече Амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли.
Министерот за култура Асаф Адеми се заблагодари за американската поддршка, соопштувајќи дека од 2001 година Амбасадорскиот фонд на САД во Македонија досега инвестирал околу 1.300.000 американски долари.
– САД се наш голем стратешки, политички, економски и културен поддржувач, и убеден сум дека нашата успешна соработка на планот на заштитата на културното наследство ќе продолжи и понатаму како пример за успешна меѓународна соработка – рече министерот за култура Адеми.
Станува збор за 13 проекти за зачувување, конзервација и реставрација на културното наследство на повеќе локалитети во земјава: заштита на јавната зграда Стоа на локалитетот Вардарски рид кај Гевгелија, конзервација на стари ракописи во Охридскиот завод и музеј, заштита и реставрација на црквата „Св Спас“ во Скопје,заштита на турската бања Хан-ан во Тетово, заштита на мегалитската опсерваторија Кокино, реставрација, санација и конзервација на Даут-пашиниот амам во Скопје, заштита на фрескописот на црквата „Св Богородица-Перивлепта“ во Охрид,конзервација и реставрација на Шарената џамија во Тетово,конзервација на стариот конак во манастирот „Св Архангели“ во скопско Кучевиште и за реставрација на Златковата кула во Кратово.
На денешната завршна церемонија по повод успешната реализација на проектот „Конзервација на крстилницата од Стоби“, што се одржа во археолошки локалитет Стоби, свое обраќање имаше и директорот на НУ „Стоби“ Спасе Перовски./У.Ј
{vembed Y=-ZXkgZjmF3Q}