„БиблиоБум“ проект во кој учествува и велешката библиотека „Гоце Делчев“
Со цел граѓаните да дадат придонес кон оживувањето на библиотеката во својот град и да искусат еден нов начин на работа кој промовира соработка, комуникација, креативност, експериментирање и ја истакнува важноста на подлабоко разбирање на основите на бизнисот, дизајнерските методи и технологијата велешката библиотека „Гоце Делчев“ е само една од седумте библиотеки во државата кои учествуваат во проектот „ БиблиоБум “ што ќе започне на 15 декември годинава и ќе трае до 31 мај 2019 година .
Проектот им дава можност на млади креативни и посветени ентузијасти од локалните заедници, што добро говорат и пишуваат на англиски јазик, и сакаат да направат промена во својата локална заедница, да придонесат со нови, креативни идеи, да стекнат вештини за реализација на настани и иновативни активности преку кои ќе придонесуваат во креирање на идеи за иновативни активности или услуги во библиотеката. Волонтерите ќе треба да ги следат чекорите на програмата и да помагаат во нејзина имплементација преку почитување на рокови, кои ќе бидат утврдени како и да учествуваат во реализација на работилници и сесии, по што ќе поднесуваат редовни извештаи за работата која ја извршуваат. Деталите за програмата можете да ги прочитате на https://goo.gl/7EkJzz
Учеството на волонтерите во програмата на проектот е со предвиден месечен надоместок а пријавувањето е до 5 декември , годинава, до 18 часот на следниот линк https://goo.gl/hBzRiQ.
Проектот „ БиблиоБум “ има за цел да поттикне иницијативи за претворање на библиотеките во проактивни центри кои ќе ги насочат своите знаења и можности кон потребите на заедницата, да ги следи светските трендови во библиотечната дејност, каде библиотеките се центри на секое информативно и едукативно подрачје и да ги трансформира од тивки места во мултикултурни центри во кои најгласна ќе биде идејата, иновацијата и креативноста.
Проектот ќе се реализира од страна на СмартАП – лабораторија за социјални иновации во соработка со Американската Амбасада во Република Македонија и Националната и Универзитетска Библиотека „Климент Охридски” – Скопје./У.Ј