И Oпштина Велес ќе се жали на одлуката на Комисијата за распределба на државни средства за култура
Општина Велес изрази разочарување од распределбата на државните пари во културата. Велес, како примат на град во македонската култура помина многу лошо во распределбата на средствата од Програмата за 2019 година на Министерството за култура. Градоначалникот Аце Коцевски на прес конференција соопшти дека бил разочаран од фактот што „Рациновите средби“ добија финансиска поддршка од 105 илјади денари а ниту денар нема да добие Фестивалот на античка драма „Стоби“.
– Рациновите средби кои беа и мора и понатаму да бидат една од трите врвни културни манифестации во Македонија заедно со „Струшките вечери на поезијата“ и „Охридско културно лето“, оваа година добија само 105.000 денари. Рациновите средби ги организираме во чест на Рацин, најголемиот меѓу живите и мртвите што би рекол Гане Тодоровски златоусти поети, најголемиот македонски поет на сите времиња, нашиот наголем знак за препознавање, еден од основоположниците на современата македонска литература. Оваа година нашите амбиции се заедно со Друштвото на писатели на Македонија, Советот за македонски јазик при Владата на Република Македонија и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ да направиме „Рациновите средби да бидат реномирана меѓународна културна поетска манифестација, рече Коцевски
Тој додаде дека исто така е разочаран и од односот на државата кон Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ кој со 18 досегашни изданија како еден од двата европски фестивали со оваа тематика не доби ниту денар. Според Министерството за култура, ни со еден денар, нема да го поддржи јубелејниот 15-ти Итернационален фолклорен фестивал ниту Меѓународниот салон на стрип кој е единствена традиционална манифестација од овој вид во Република Македонија. Со скромни пари се финансираат и претставите на НУЦК Народен театар „ЈХК-Џинот“во споредба со некои други театри. Исто така пари нема ни за гостувања и оперативни расходи.
Општина Велес ќе испрати официјална реакција до Министерството за култура и покрај фактот што Премиерот Зоран Заев најави дека ќе ја пониши одлуката за поддршка на проекти од национален интерес.
– Безрезервно ја поддржувам изјавата на Претседателот на Владата, господинот Зоран Заев за поништување на одлуката за поддршка на проекти од национален интерес што беше објавена пред неколку дена. Сметам дека најавата на Министерот за култура, господинот Асаф Адеми за преиспитување и анализирање само на одбиените проекти не е доволна, сметам дека треба да се направи темелно преиспитување за начинот на распределбата на средствата, рече Коцевски.
Според него Министерството за култура ја довело во заблуда Општина Велес кога и соопштило дека не може да аплицира проекти туку во нејзино име тоа треба да го сторат здруженија на граѓани од Велес. Сега кога распределбата на средствата јавно е објавена, во одлуката на комисијата, пари добија општините како Битола и Прилеп што несоодветствува со нејзиниот првичен став.
Градоначалникот Коцевски упати апел до членовите на комисијата добро да внимаваат и да проценат кои се а кој не се проектни апликации од национален интерес во културата./У.Ј