Димитрова Бобевски: Горди сме на освоените награди на театарскиот поетски фестивал во Бугарија, со членовите на „Словото“ ќе освојуваме нови
Говорејќи за се она што ја сочинува љубовта и изведувајќи многу музички и танцови кореографии, рапувајќи и прикажувајќи пантомима, во Перформансот „Душата ми петунии возлудени“ младите талентирани ученици, актери на Драмското студио „Словото“, ги освоија петте најзначајни награди на Меѓународниот Поетичен фестивал „Борба и Обич“ што се одржа во градот Русе, Република Бугарија.
Перформансот ги освои фестивалските награди за „ Најатрактивен перформанс“ и за „Режија“ како и трите награди за „Актерско достигнување“ кои завршија во рацете на ученичката Мартина Станчева од ООУ „Васил Главинов” , ученикот Марко Инѓилизов од Гимназијата „Кочо Рацин“ и ученикот Мартин Мазнев од СОУ„Јовче Тесличков“.
Драмското студио „Словото“ по доделувањето на наградите во градот Русе, Република Бугарија
Режисерката и актерка на велешки театар Весна Димитрова Бобевски, задоволна од постигнатите резултати , додаде дека посветено, неколку месеци, работеа на перформансот во кој внеле и видео материјал.
– Специјално за потребите на перформансот снимивме два спота. Изведбата на младите талентирани ученици беше беспрекорна, тие го прикажаа сиот свој талент што преку стилот кој што го гаи „Словото“, за подготовка и прикажување на вакви поетски перформанси, предизвика многу внимание и интерес на овој реномиран меѓународен театарски фестивал. Горда сум на нив, на нивното максимално вложување при подготовката и секако при изведбите, што фестивалското жири веднаш ја забележа. Знаете тоа е труд што е вложен преку часови на подготовка, проби,талент што треба да се доведе до совршенство и перфекција.Тоа е пат што треба да се изоди за да се стигне до награда како што е оваа за „Најатрактивен перформанс“, рече Димитрова Бобевски.
Освоените награди за „Најатрактивен перформанс„ и за „Режија“ на поетскиот перформанс
Во перформансот настапуваат и учениците Тина Божинова, Љубинка Унева и Стојанка Ќупчева од СОУ„Јовче Тесличков“ како и ученичката Ема Божинова од ООУ „Благој Кирков“.
– Фестивалот е под покровителство на Министерот за Одбрана и Вицепремиер на Република Бугараија, Красимир Каракачанов. Фестивалот негува уметнички вредности засновани на драма во стих или поетски перформанс со љубовна или револуционерна поезија. Јас годинава избрав тоа да биде перформанс со љубовна поезија подготвен на стиховите на бугарската поетеса Иглика Пеева. И не погрешив. Би сакала да им се заблагодарам на учениците кои целосно се посветија на подготовката на перформансот ставајќи го на располагање сето свое слободно време, на разбирањето како на нивните родители така и на професорите во велешките средни и основни училишта, додаде Димитрова Бобевски.
Ученичката Мартина Станчева на доделувањето на наградите на фестивалот
Учениците Марко Инѓилизов и Мартин Мазнев на доделувањето на наградите на фестивалот
Ова е само еден од неколкуте перформанси што „СЛОВОТО“ ги подготви во изминатите шест месеци. Наградите кои ги освоија, заедно со последното учество на меѓународниот фестивал во Бугарија, се поттик за постигнување на нови резултати. Наредна цел на режисерката Весна Димитрова Бобевски и на талентираните ученици е настапот во Охрид со поетскиот перформанс „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ подготвен на избор на стихови напишани од Амбасадорот на Република Словенија во Република Северна Македонија, Милан Јазбец./У.Ј