Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn


Panorama Veles fin

20.04.2020
Отсекогаш се слушала музика по сокаците, на веселбите, во кафеаните и рестораните со што Велес секогаш живеел за музиката. До Уриетот, во Велес, постоела турска воена музика, поточно оркестар кој бил дел од турскиот гарнизон и одржувал концерти во касарната или во „Ада Кафези“. На музичкиот репертоар на оркестарот биле турски маршеви, турски песни и други познати мелодии.

Во градот во 1906 година се почувствувала потреба од формирање на модерен градски оркестар, со учество на ученици, трговска младина и учители. Во оркестарот застапени биле виолини, гитари, флејти, мандолини и други инструменти. Оркестарот бил формиран со големо залагање на учителот по музика Ристо Елезов, надарен виолинист, како и група негови ученици. Оркестарот го добил името ,,Славеј“. На чело на хорот бил учителот Димче Панчев. Хорот имал педесетина учесници, а се истакнувал Крум Чушков, студент, посебно музички надарен.

Желбата на велешани да имаат модерна градска музика и хор се остварила и ,,Славеј“ станал цивилизациска придобивка на модерното културно живеење.

Три години подоцна во Велес е формирано ,,Првото интернационално друштво“ под име ,, Велешки Јунак“. Ова друштво учествувало на Сесловенски собир и по тој успех во Велес започнала акција за собирање пари за купување на инструменти, како предуслов за формирање на ,,Градска Музика“.
Тогаш од Лајпциг пристигнале 24 музички инструменти, претежно плех-дувачки. Во ,,Клуб на музиката“ била преадаптирана куќата на Давчо Богданов, кој доброволно својот дом им го отстапил на велешани. Куќата се наоѓала во центарот на Велес во која се сместила музичката група и веднаш започнала со работа.

Orkestarot na Caushot fin

Градски дувачки оркестар фотографиран во 1908 година

Потоа следел период на постигнат успех секаде каде се појавила и музицирала ,,Градска Музика“. Првата популаризирана композиција бил ,,Наш марш“, своевиден велешки музички симбол и химна на градот. Оркестарот го предводел ,,капел-мајсторот“ Кочо Апостолов – Чаушот, кој свирел на флејта. ,,Велешкиот Јунак“ имал бело - црвени фискултурни униформи, кои делувале мошне убаво и професионално. Секој концерт бил своевиден музичко -сценски настан, празник, кој секогаш бил посетен од велешани во голем број.

Оркестарот имал две флејти, едно пиколо, два кларинета ,,в“, два кларинета ,,с“, два пистона, два алто,,с“, два баса, барабан и пар чинели со тапан.
Кочо Матов Апостолов, со прекар Чаушот, потекнува од семејство на талентирани музичари. Неговиот брат Круме Матов бил надарен виртуоз на виолина, за што бил повеќе пати наградуван. Тој компонирал и диригирал уште како ученик во гимназија, а свирел и на повеќе инструменти. Брат му Кочо Апостолов неуморно работел со оркестарот, подучувал музичари, компонирал и пишувал партитури.

Во оркестарот членувале: Димче Кирков, брат на гемиџијата Константин Кирков, Ангел Органџиев, виртуоз на мандолина, Лазар Чичевалиев, Ѓорѓи Минов, Панче Хаџи Панзов, Киро Велев, Кочо Бондиќ, Јануш Васков, Петре Василев, Димко Урумов, Кочо Крајничанец, Тодор Поп Кочов, Јосиф Пешев, Ѓорѓи Иванов, Киро Јосифов, Јовче Попстефанов, Никола Попов, Јонче Минов, Тодор Боцев и други.

Сите овие млади луѓе биле надарени музичари, слободоумни и совесни. На репертоарот на оркестарот освен ,,Наш марш“ се наоѓале и ,,Македонски танци“, Химната на младотурците, ,,Дружна есен“ од Г.Кирков, ,,Маршот на работниците“, потоа ,,Китка од македонски ора и песни“, како и валцери, полки, одломки од опери и оперети.

Овој оркестар постоел до 1913 година кога полицијата упаднала на горниот кат на дуќанот на бакалинот Попандов, каде се одржувале пробите, и забранила секакво собирање и активност.

Orkestarot na Caushot fin

Оркестарот  ,,Велешкиот Јунак“ предводен од „капел-мајсторот“ Кочо Апостолов – Чаушот фотографиран во 1910 година

Значајно сметам дека е и треба да напишам дека од 1913 до 1915 година во велешката гимназија работел Мандолински оркестар со кој раководел учителот по литература Коста Дошин.

Во наредните три години, од 1915 до 1918 година, во училиштето ,,Св.Кирил и Методиј“ учителките Ефка Бојаџиева, Матова и Михова музицирале во салата на училиштето исполнувајќи ги ,,Хофмановите приказни“ и други класични дела.

Во последната година од етузијастичкото музицирање на учителките била обновена градската музика и приклучена кон ,,Соколското друштво“, а негов раководител и диригент станал Кочо Апостолов Матов - Чаушот. По него доаѓаат помладите Пецо Чичовалиев, Јосиф Гајдов, Киро Ванов, Тодорче Васков –Дервишот, виртуоз на барабан, се до 1928 година кога со Обзнаната биле забранети секакви музички и други културни и спортски активности во Велес.

Тоа е период во кој формирано е Работничкото културно-просветно друштво ,,Абрашевиќ“, во кое членувале напредни младинци, авангардата на работничката класа и комунистичката партија. Во склоп на ова друштво било формирано и музичкото друштво ,,Напредак“, кое било раководено од Петре Јарчев, познат синдикален функционер и член на КП.

Тие, покрај ,,Интернационалата“и руските револуционерни песни, исто така ги исполнувале делата ,,Ткајачите“ од Хајне како и песните од Максим Горки. Но и ова друштво не ја преживеало „Обзнаната“ во 1928 година.

Вреди да биде забележано дека во 1925 година бо градот бил формиран Камерен оркестар под диригенство на Илија Настов, што изведувал дела на Шуман, Брамс, Шуберт и други класици, како и по некоја револуционерна композиција иако биле актуелни забраните од полицијата.

Во тоа време е формирано и третото музичко друштво ,,Гром“ на иницијатива на Стефан Гајдов, Живко Фирфов, Ѓорѓи Минов, Ганчо Пајтонџиев, Лазо Лукар и Петре Ќупов. Дел од нив биле гимназијалци, додека останатите работници или трговски помошници. Покрај настапите , членовите држеле и курсеви за елементарна музичка теорија како и семинари.

Под притисок на режимот на тогашна СХС, што како изговор го користел обележувањето на граѓаните како „јадро на комунистички и субверзивни елементи кои работат против државата“ во 1929 година сите музички и спортски друштва во градот престанале да постојат.

Parada fin

Парада на школска музика во 1919 година

Но, успесите на овие оркестри и нивните настапи како и музицирање останале во сеќавање на постарите велешани, а се` до денес поединци се дел од колективната свест и меморија на граѓаните.

Денес, во Велес, музицираат два хора и оркестар за класична камерна музика , составен од ученици, наставници и професори по музика, што секако е за поздравување. Се надевам дека во скоро време ќе имаме можност да го слушаме нивното музицирање, а дотогаш – слушајте дома музика!
Сега, кога сме дома, слушањето музика која ви се допаѓа е една од доблестите и добрите работи кои може да Ви се случат и можеби ќе откриете некој нов, музички талент во Вас. Бидете позитивни!

Вашиот,
Љупчо Данов

 

 

SEMM baner MK

Поврзани вести

banerduma

 

 

baner i od veles se moze

E baner

Konsalting Jovevi

 
   
   
   
   

Најново