Од сабота кино и во Велес, на свеченото отворање премиера на македонскиот филм „Стела“
8.10.2020
Новото кино ќе биде отворено со филмот „Стела” во режија на Стојан Вујичиќ, во продукција на „Дрим фактори”, во копродукција со „Акшн продукција” од Србија и продукцијата „Моуна” од Германија.
– Го избравме овој филм затоа што е прв детски филм во државата што само по себе е историја и во чие создавање учествуваа двајца велешани, Данчо Стефков, кој ја потпиша монтажата на филмот и тренерот Ристе Гиовски, кој беше одговорен за дресурата и улогата на шарпланинката Стела во филмот. Оваа историја во македонскиот филм, во чест на големиот празник на македонскиот народ 11 Октомври ја поврзавме со нашата велешка историја, отворање на кино за граѓаните на Велес по повеќе од две децении”, рече градоначалникот Аце Коцевски.
Поради протоколите, филмот ќе има две проекции на 10 Октомври, во 18:00 часот и во 20:30 часот. По завршувањето на втората проекција, ќе настапи групата „Љубојна” која ја создаде музиката за филмот „Стела”.
-Мило ми е што имам чест ова ново кино во Велес да се отвори со филм во кој имам значајна улога. Работев на овој филм скоро две години од неговите почетоци. Мислам дека „Стела“ е врвот на мојата кариера досега. Ова ми е четврти филм, го работев со задоволство. Се надевам дека плејада на млади од нашиот град ќе продололжат да работат на културата во градот, затоа што Велес отсекогаш бил предводник на културата. Салата е прекрасна, системот е одличен, во светски стандард, може да се гледаат сите светски блокбастери, рече Данчо Стефков, кој ја потпишува монтажата на филмот „Стела”.
Тој ги покани граѓаните да присуствуваат на проекцијата на „Стела” во сабота, 10 окомври и да ги соопштат нивните впечатоци.
– И мене ми е голема чест пред моите сограѓани да бидам дел од отворање на едно такво кино, можам да кажам ултрамодерно за денешни услови. Филмот вреди да се погледа и ја обработува тематиката на враќање кон природата и семејството. Мене ми се укажа чест да бидам тренер на кучето Стела кое има една од главните улоги во филмот. Овој предизвик беше навистина многу голем. Уште кога го видов сценариото сфатив дека има сцени кои се несвојствени за едно куче, особено за нашиот шарпланинец кое не сака многу да трпи влијанија. Има сцени во филмот кои беше тешко да се снимат со Стела, но на крајот успеавме како што ќе видите во филмот, рече Ристе Гиовски, тренер на кучето Стела.
Отворањето на новото кино во Велес ќе се реализира со почитување на пропишаните протоколи и максималниот број на гледачи по проекција е 80 лица.