Златната дијадема, најрепрезентативниот примерок на изложбата „Накитот низ вековите“ во Велес
Интересна приказна се врзува за најрепрезентативното парче накит од изложбата во велешкиот Народен музеј кое веднаш штом ќе влезете во приземјето ви го одзема здивот. Тоа е златната дијадема што сосема случајно е откриена на археолошкиот локалитет Градиште во село Згрополци. Кога работата веќе била завршена и кога археолозите почнале да ги затрупуваат гробовите од кои ги откривале предметите и накитот, на виделина излегла дијадемата. Со сета своја раскош и убавина блеснала меѓу ѕидовите. Сега таа е највпечатливиот накит на изложбата. Со неа жените и девојките уште од праисторискиот период ги украсувале своите глави, отсликувајќи го општествениот статус, положбата и функцијата. Освен накитот, силен впечаток оставаат и ситните праисториски фигуринки и теракотните фигурини од хеленистичкиот период.
„Изложбата е правена за пошироката народна публика и токму заради тоа на одредени витрини има реконструкции со цел секој посетител да има одреден увид за нејзината намена и како тој предмет се користел во минатото. Можеби ние денес го гледаме како едно парче накит, меѓутоа во минатото некои од тие предмети имале и своја утилитарна намена“, рече виш кустос археолог на Музејот Анита Василкова Мидоска.
Од различни археолошки локалитети во општините Велес, Градско и Чашка се откриени предметите и накитот од прасисторискиот, бронзениот и железниот период.
„Оние предмети од праисторискиот период најмногу потекнуваат од локалитетите Карталица и Ѕунивер од Извор и локалитетот Мрамор од Чашка. Предметите од бронзениот и железниот период се од општина Чашка и имаме неколку предмети од непознат локалитет, а предметите кои што се од античкиот период се откриени на локалитетот кале Згрополци, локалитет кој го истражувам веќе 7 години“, рече Мидоска.
Изложбата „Накитот низ вековите“ вчера беше свечено отворена во приземјето од зградата на Нароодниот музеј. За постителите ќе биде отворена до крајот на годината. Инаку изложбата е проект финансиран од министерството за култура и општината. Таа е работена скоро шест месеци и претставува извор на најрепрезентативните предмети кои што ги поседува археолошката збирка на Народниот музеј во Велес./Д.С