Стихозбирката „Расцутување“ на Божидар Јовиќ во зборникот на македонска книготека
Откако го заврши својот работен стаж како просветен инспектор во општина Велес и по неколку објавени книги од областа на образованието и голем број стручни педагошки и публицистички текстови, Божидар Јовиќ продолжи да пишува. Поезијата е сега неговата најголема љубов од литературата. Неговата прва збирка поезија „Расцутување“, издадена пред две години, деновиве се најде во зборникот на македонска книготека. Во стихозбирката се содржани 70 песни во кои Јовиќ ја обработува вечната тема на младоста, љубовта и природата. Како инспирација му послужиле неговите средношколски и студентски години, а токму затоа стихозбирката ја наменува за младите од 18 до 20 години.
„Станува збор за спој кој секогаш тлее во човечката душа, а сите знаеме дека ретко излетува за да биде споделен со сите околу себе. Тоа тлеење се должи на мислата која секогаш е тука пред да се претвори во збор. И, еве!! Токму пред нас имаме еден автор-почетник во поезијата, но декан на зборот и времето. Еден толку близок на човека, спонтан крик на една душа, просто како планинско ехо кое чека да биде прифатено“, рече Јовиќ.
Секој што ја познава творечката страна на Јовиќ, знае дека тој во пишувањето се води од своите емоции. Тие се негова водилка и патоказ. Тоа го забележал и промоторот на стихозбирката Игор Крајчев кој вели дека секој стих е дел од неговите вистински чувства, без фантазија, без лага туку секој збор е изникнат од длабочината на неговата емотивна душа.
Божидар Јовиќ во континуитет се занимава со научна истражувачка дејност. Автор е на значајни проекти од воспитно-образовната дејност, особено значајни се неговите книги „Современо училиште-избор или потреба“, „Наставникот е носител на промените“, „Младите и демократијата“ и стихозбирката „Белата бреза“./Д.С