Фото изложба „Патот на логорите на смртта“ во Ликовен салон во Велес
Од фотографии на кои е преставена трагичната судбина на Ромите во Унгарија, за време на Втората светска војна, е составена изложбата „Патот на логорите на смртта“ која денеска беше отворена во Ликовниот салон во Велес. Фотографиите потсетуваат на трагичните настани од Холокаустот на Ромите, кои по Евреите во најголем број завршија во логорите на смртта. 27 јануари е светскиот ден на Денот на Ромите кога вообичаено светот се потсетува на шесте милиони Евреи и Роми кои влегоа но никогаш не излегоа од концентрационите логори на смртта на Третиот Рајх. Во тоа време од Унгарија се однесени неколку милиони Евреи и Роми, граѓани на оваа европска држава, чија судбина и по седум децении го трогнува човештвото, рече на отворањето на изложбата амбасадорот на Република Унгарија во Македонија, Јозеф Бенце.
„ На 2 август 1944 неколку илјади Роми, мажи, жени и деца се убиени во логорот Аушвиц и во другите логори. Меѓународната заедница на Ромите одлучи тој ден да биде ден на Ромите. Нашите пријатели Роми во Унгарија ја организираа оваа изложба и отворија музеј на Холокаустот на Ромите . Обврската на нашата генерација е да се потсетуваме на овие немили настани. Уверен сум во тоа дека Холокаустот не почнал со гасни комори туку со раздвојувањето на националностите и треба да потсетиме на многу тешките последици доколку некои националности почнат да се раздвојуваат наместо да живеат заедно,“ рече неговата екселенција Бенце.
Градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев му се заблагодари на заложбите на министерот Неџет Мустафа како и на амбасадорот Бенце за одлуката оваа изложба на фотографии да биде поставена и во Велес, на патот низ Македонија притоа потенцирајќи дека е добро граѓаните кои делумно знаат или знаат за овие немили настани да ги погледнат фотографиите и да посакаат настаните никогаш да не се повторат.
„Благодарам што не потсетувате на историјата на Ромите, што ни овозможувате да не остане траума кај нас од овој дел од нашето минато туку да биде една амбиција за иднина за која ќе раскажуваме во Република Македонија,“ рече министерот Мустафа.
Велешани изложбата насловена “Патот на логорите на смртта“ ќе можат да ја погледнат во наредните десеттина дена во Ликовниот салон во Велес./У.Ј