Премиера на велешки театар во недела
За секојдневните и апсурдни сиуации во животот на современиот човек, неговата неможност да оствари комуникација со себе и со другите како и за осаменоста, се раскажува во најновата и прва театарска премиера годинава на велешки театар. „Старицата од Калкута“ е насловот на претставата, која режисерката Софија Ристевска Петрушева ја работи според расказите на израелскиот автор Ханок Левин. Претставата е создадена од неколку кратки раскази на Левин кои во себе ја носат болката и измореноста на современиот човек во трката со предизвиците на општеството во кое живееме.
„Станува збор за измореноста на човеко, на овој либерален капитализам каде капиталот и парите се пред се и кога човечкото е ставено на заден план. Оние елементи што го прават човекот човек како емоционалната способност, личниот живот, социјалниот контакт со другите луѓе, сите тие дисциплини се изгубени. Авторот се обидува да се наврати на она што точно денес му треба на човекот, а тоа со сигурност веќе не е капиталот. Ситуациите во кои се наоѓаат ликовите, нашите херои се целосно апсурдни, така да тоа ја прави комична претстава каде публиката ќе се смее преку солзи , бидејќи тие се обидуваат да избегаат од стегите во кои што живеат“, рече Ристевска Петрушева.
Ликовите во претставата ги играат актерите Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Слободанка Чичевска, Фаик Мефаиловски, Славица Манаскова; Жарко Спасовски и Талија Настова.
„Јас сум дел од оваа претстава која дефинитивно ќе ја паметам долго време. Бидејќи процесот низ кој што поминав ме стави мене како актерка во една позиција во која треба многу да размислувам и да бидам креативна. Благодарение на моите колеги и на режисерката успеав да гио скршам тие стравови и да се впуштам во нешто интересно и ново за мене“, рече актерката Талија Настова.
Сценограф на претставата е Филип Коруновски, костимограф е Андреј Ѓорѓиевски. За кореографијата и сценските движена е задолжен Кире Миладиновски а музиката е на Сашко Костов.
Премиерата на „Старицата од Калкута“ ќе се одржи во недела во 20 часот, а поводот е светскиот ден на театарот, 27 март./Д.С