Промовирана книгата „Мојот Велес“ на пензионираниот новинар Никифор Смилевски
„Мојот Велес“ е насловот на најновата книга на пензионираниот новинар, истражувач и хроничар Никифор Смилевски од Велес, која денеска беше промовирана пред велешката публика. Книгата опфаќа интересни содржини од историјата на градот, кои со такви опишани детали тешко можат да се најдат на друго место. Значајно место во книгата Никифор им дава на познатите велешки народни песни во кои тој раскажува за личностите и настаните опеани во нив.
„Во оваа книга која што претставува продолжување на неговите истражувања Никифор пишува за неколку моменти од историјата на градот Велес, има два текста за Кочо Рацин, лениновото кај Рацин и Гарибалди. Потоа пишува за последната фотографија на Коле Неделковски, за првиот фотограф на Македонија Хаџи Коста кој бил од Велес, за црквата Св. Пантелејмон и нејзиниот градител Андреја Дамјанов и многу други интересни настани и личности кои останале како предание во народната меморија“, рече промоторот проф. др. Марко Китевски од Институтот за македонска литература во Скопје.
Никифор Смилевски е познат како истражувач на минатото на Велес. Сите тие забелешки и повеќегодишни размислувања се преточени во реалност во неговата последна книга. Таа се состои од четиринаесет посебни прилози во кои на читателот му се откриваат детали за многу интересни настани и личности од градот.
„Книгата открива детали за изградбата на двете цркви Св. Пантелејмон и Св. Спас, потоа за првите дипломати кои се од Башино село, тоа се браќата Петковиќ кои се амбасадори на Царска Русија, и тоа во Бејрут, Цетиње и Риека. Нивниот учител е неуморниот боирец за воведување на народниот јазик во училиштата Јордан Константинов Џинот. Пуштањето на железничката станица Солун – Скопје во 1873 година, негативно ќе се одрази на велешката трговија кои дотогаш со преку десет илјади сплавови се пренесувале артиклите од Велес до Солун“, рече Смилевски.
Книгата „Мојот Велес“ е драгоцена придобивка за македонската култура бидејќи во неа се пренесени интересни моменти за развојот и пулсирањето на градот. Токму затоа промоторот Китевски ќе каже дека Никифор Смилевски достојно му се оддолжил на својот град./Д.С