Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

За актуелни теми од социо-културниот живот во денешницата се дебатираше на вчерашната трибина што се одржа во велешкиот тетатар под модераторство на новинарката Ана Јовковска. Во фокусот на трибината беше култното дело на Ерих Фром „Да се има или да се биде“ чија содржина и автентичност се пресликува во денешницата, иако е пишувано пред цели четириесет години. Неговите мисли и ставови денеска се уште поактуелни отколку во времето кога ги пишувал. Тие само ги потврдуваат сомнежите за тоа што го чека човештвото во новата ера. Култното дело на Фром отвора дилеми за тоа што е поважно да се има во материјална смисла или да се направи нешто добро и корисно за човештвото.

Малкумината дебатери кои покажаа интерес да учествуваат на трибината активно се вклучија во анализирање на ставовите и размислувањата на Форм кои во голема мера го тиштат современиот човек. Велешанката Даниела Јовановиќ  ги соопшти личните размисли и побара одговор на прашањето дали најголем протфит во актуелниот миг е купувањето и профитирањето со човечките души, ефтините човечки тела , од страна на еден грст моќници кои ја злоупотребуваат власта.  Јовановиќ, додека зборуваше, беше во дилема дали е тоа резултат на некаква огромна ментална и емоционална дупка на нацијата.

„ Понекогаш тие души се на масовна продажба и на доброволен тендер. Без да се свесни тие се ставени на тендер додека се вртат топчиња на суровата лотарија , така што не се знае чие топче кога ќе биде извлечено и што му следува. Системот во таа смисла е многу заплеткан и намерно е така заплеткан , за никој да не биде посочен индивидуално. Богатството на луѓето им удира во глава. Власта ќе им удри во глава и ми се чини дека тоа делува како опијат. Ги заматува луѓето и тие не можат да размислуваат ниту да се соочат со реалноста. Затоа јас се бавам со читање, знаење, култура за да ја преживеам оваа грозна ситуација“, рече режисерката и панелистка Зоја Бузалкова.

„Мислам дека е многу битна да се направи разликата помеѓу тоа дали нешто ни е наметнато „одозгора или она што е откривање автентично од самите граѓани без контрола, без хиерархија“, рече Јовковска.

Творештвото на Фром е интерсна комбинација на принципите на Фројд и Маркс кои со својата психолошка теорија всушност ги поставиле постулатите на слободата, на безавторитарноста, на доблеста и на љубовта. Парафразирајќи го Фром, Игор Смилев рече дека во време на масовна злоупотреба на чувства, денеска би било најиделано да се има душа за да се биде продаден.

„ Во денешно време Фром можеме да го модифицираме до бескрај. Еве еден дијалог во еден краток текст кој што ми останал во сеќавање, станува збор за двајца близнаци кои што разговараат во утробата на мајката. Едниот го прашува другиот, што мислиш дали постои живот надвор од овој нашиов. Другиот близнак му одговара, мислам дека не, види тука колку ни е убаво, топло, спокојно и мирно и мислам дека тоа никогаш нема да го има надвор од нашиов свет. Но на крај тие ја здогледале светлината и животот надвор од мајчината утроба. Јас се поистоветив со нив, и така се уште се чувствувам дека се наоѓам во матката и утробата на системот за разлика од оние среќници кои успеале да ја видат втората фаза од нивниот живот. Очигледно матката во утробата на системот не пушта, и сите обиди да се провоцира нов живот и самостојност тешко одат“, рече Смилев.

Вчерашната дебата отвори прашања и за тоа кога и каде во меѓувреме ги изгубивме вистинските вредности во животот и како да се избориме со наметнатите „одозгора“, за да можеме да ги пронајдеме внатре во нас и за кои вреди да се живее.

Инаку трибината е дел од проектот „Про-книжи го умот“ на новинарката Ана Јовковска  чија визија е преку културна репрезентација, дијалог и едукација да се раздвижи културата на дебата и да се поттикне активното учество на граѓаните од локалните заедници во градењето на слободно, отворено и креативно општество./Д.С

Поврзани вести

web banner 300x250 Sinalco Duma

banerknigovodstvo

E baner