Тринаесет стихозбирки во трка за наградата „Антологија на болката“
Вкупно осумнаесет стихозбирки конкурирале за наградата „Антологија на болката“, информираат од Здружението на граѓани ФАД „Стоби“. Од нив тринаесет влегуваат во официјална конкуренција, а тоа се стихозбирките „Сјај и страв и песни“ од Даница Ивановиќ Лепојевиќ, „Бранови“ од Сандра Наумовска, „Душа од кристали“ од Габриела Павлоска, „Очите на љубовта“ од Елена Костовска, „Затвореничка во Лондон“ од Филип Дракалски, „Бескрајот на една љубовна приказна“ од Ирена Јурчева, „Боемски блуз“ од Иле Наумов, „Косара“ од Лидија Дочовска, „Неисчешлана љубов“ од Јане Балкански, „Орнамент“ од Малвина Сокар, „Сеќавања“ од Елена Христоска, „Страв од минливост“ од Катерина Гогова, „Страст од мртво шепотење“ од Дијана Дурлевиќ и „За тебе љубов моја“ од Жаклина Китанова.
Останатите стихозбирки биле изземени поради тоа што не биле дебитантски поетски ракописи. Кој од овие поети ќе ја добие наградата ќе одлучи жири комисија во состав Ана Костовска, директор на ИП „Култура“, поетесата Елена Пренџова и писателката Катерина Момева. Наградата „Антологија на болката“ за прв пат беше востановена минатата година и се доделува за најдобра дебитантска и необјавена поетска збирка љубовна поезија од современ македонски поет. Целта на наградата е афирмација на дебитанти и млади автори на современа македонска поезија. Таа се состои од плакета, публикаија на стихозбирката од издавачката куќа „Култура“ и нејзина промоција во рамките на манифестацијата „Рацинови средби“ ./Д.С