Наградата„Антологија на болката“ во рацете на Даница Ивановска Лепојевиќ
Наградата „Антологија на болката“ за 2016 година ќе ја понесе стихозбирката „Сјај и страв и песни“ на Даница Ивановска Лепојевиќ од Велес. Така одлучи стручното жири помеѓу петте стихозбирки кои влегоа во потесниот круг. Според писателката Катерина Момева, член на жирито, стихозбирката на Ивановска Лепојевиќ изобилува со лирски драматични поетски метафори во 39 одвоени парчиња.
„Оваа стихозбирка се издвојува по романтичарскиот дух кој ја прави малку поинаква од останатите но истата се истакнува и со драматичност во зборот . Емотивното значење како едно од трите основни рамништа на лириката како основа по кое се селектира создаденото поетско дело во стихозбирката изобилува со топли емоции , едноставно пласирани но исто така вешто невилирани“, рече Момева.
„Оваа награда е од големо значење за мене. Прво затоа што за името на Рацин и посебно за Антологија на болката ме врзуваат спомени од детските денови и оваа стихозбирка беше репер по кој што го водев моето изразување . Во мојата стихозбирка имам вклучено стихови кои се многу стари . Антологија на болката ја почитувам како врвно дело во македонската љубовна поезија од една страна и како дело кое што го воведува модерното во македонската поезија“, рече Ивановска Лепојевиќ.
Стхозбирката „Сјај и страв и песни“ веќе е во печатење и истата ќе биде промовирана во рамки на манифестацијата Рацинови средби. Наградата за прозното дело на добитничката ќе и биде доделено на свеченото отворање на педесет и третите „Рацинови средби“ на 9 јуни./Д.С