Издадени броевите 23 и 24 од списанието „Стрип креатор“
Излегоа од печат последните броеви од списанието „Стрип креатор“ на Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес. Списанието е продолжение на поранешното „Стрип арт“ и заедно со специјалното издание „Стрип алманах“ е единственото стрип издание кое редовно се издава.
Со ова Македонскиот стрип центар продолжува да ја запазува традицијата да ги објавува наградените стрипови од претходниот, тринаесети по ред Интернационален стрип салон „Велес 2015“. Во најновите изданија на Стрип креатор се наоѓаат имињата на доајенот на македонскиот стрип Миле Топуз, како и на стрип цртачите Раде Дичоски, Мирко Бојаџиевски, Ненад Станчев, Оливер Цветковски, Јована Велинова, сестрите Ана и Јана Лазарески како и децата Никола Димов, и Димитар Димовски.
„Со свои авторски текстови за поранешната стрип ревија „МАК СТРИП“ како и за познатиот издавач Ервин Рустемагиќ се јавува Александар Стеванов, кој истовремено ги подготви и македонските фонтови во преведените стрипови. Впрочем, како што подвлекуваат во СЦМ-Велес,интернационалниот стрип салон и оваа ревија се место каде бројни македонски стрип автори ги издале своите први стрипови,први контакти со автори ,издавачи и фестивали од други држави, први искуства и поттик за нивно натамошно делување во развојот на македонската стрип сцена“, рече Томче Трајков.
Од Стрип центарот на Македонија велат дека на ова тло се уште има неискористен потенцијал во македонската стрип сцена, за што центарот максимално ќе се залага за нивно промовирање.
Даниела Саздова