„Етно“ изложба на Драги Хаџи Николов во Ликовен салон во Велес
Дваесет и шест дела со мотиви на дамнешни и помалку заборавени предмети што биле нераскинлив дел од македонската куќа и три портрети со ликот на Свети Стефан ја сочинуваат етно приказната на академскиот сликар Драги Хаџи Николов Аџи што љубителите на сликарската уметност можат да ја погледнат во Ликовниот салон во Велес. Тој е уметник со специфичен уметнички ракопис, рекоа на отворањето на изложбата, негови колеги. Сликарството на овој уметник, родум од Гевгелија, преставува потрага по совршенството на народните умотворби и ракотворби. Уметникот создал творештво во кое го открива нашиот бит како неразлично единство на народно ракотворната сакрална уметност.
– Аџи го познавам долго време. Неговото творештво е инспирирано од македонската историја, традиција и култура. Неговите композиции и дела се проткајани предмети и мотиви од македонското поднебје или македонскиот архитип. На сликите се присутни аванот, ѓумот, тепсијата, бутимот, ќилимот и се тоа проткајано со една добра патина која не враќа во минатото и ни дава добра порака за иднината, рече академскиот сликар Александар Јовановски Мијак.
Авторот за четири години по втор пат излага во Ликовниот салон во Велес. Тема на неговите изложби се Етно приказните во кој низ слики ни презентира мотиви дамнешни поточно помалку заборавени традиционални предмети.
– Овојпат тоа се мотиви од македонскиот етно фолклор комбинирани со ликовни вредности. Значи, некаде настапувам чисто линеарно а на друго место нештата ги третирам колоритно. Јас имам идеја, што ја остварувам, да ги доближам сликите до поширока публика. Во Ликовниот салон во Велес излагам вкупно 26 дела од кои централно место му отстапив на големиот портрет на Свети Климент насликан во етно амбиент, по повод одбележувањето на 11-те века од неговата смрт, чиј лик јас го насликав во три варијанти со акцент на ликовното, рече Хаџи Николов.
Изложбата во Ликовен салон Велес ја поддржа Министерството за култура и граѓаните ќе можат да ја посетат во наредните седум дена.
Авторот, Дараги Хаџи Николов – Аџи дипломирал сликарство на ФЛУ во Скопје. Досега излагал на бројни, самостојни и групни изложби, дома и во странство.
Убавка Јаневска