Премиера на „Мачорот во чизми“ во велешки театар
За најмладите велешанчиња уште една детска претстава во театарот Џинот. „Мачорот во чизми“ е насловот на најновата детска претстава која премиерно ќе се изведе утре.. Претставата е работена според драматизација на Катерина Момева а во режија на Деан Дамјановски.
– Тоа е класична приказна за „Мачорот во чизми“, за мачорот кој што му помага на својот пријател господар да стигне до среќата, но е поместена во едно посовремено милје. Ние решивме дека тоа треба да бидат осумдесетите години, тука има еден танцов натпревар во кој што се борат двајцата, добриот и лошиот, за раката на принцезата, рече Дамјановски.
Ова е втора театарска претстава за деца на Дамјановски за велешки театар. Таа е работена според највисоки театарски стандарди,со одлична сценографија, светлосни и звучни ефекти. Во улогата на мачорот во претставата се појавува актерот Фаик Мефаиловски. Освен него настапуваат Кети Борисовска, Самоил Стојановски, Жарко Спасовски, Зорица Панчиќ.
– Правењето на детските претстави за нас актерите е како некое чистење. За да се направи добра детска претстава треба да се претвориш во дете , тоа знае да биде многу интересно и забавно, рече Мефаиловски.
Режисерот Дамјановски, очекува дека претставата освен деца, ќе привлече и повозрасна публика.. Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, костимите се на Катерина Чукниева а музиката ја изработи Сашко Костовски. „Мачорот во чизми“ ќе се одигра премиерно утре во 10 часот./Д.С