Вечер на Боре Левков и Љупчо Данов, градските хроничари на Велес
Не му било тешко да ги издвои фотографиите, иако низ неговите раце поминале илјадници, со кои ги овековечувал бројните настани од политичкиот и културниот живот во Велес, и да ги вметне во книга. Велешанецот Боре Левков заокружи еден јубилеј од своето долгогодишно работење со фотоапаратот. Пред бројните гости, роднини и пријатели, вчеравечер во ликовниот салон ја промовираше книгата „50 години низ објективот на фотографскиот апарат“. Во книгата Левков вметнал фотографии од настани што во градот се случувале од 1965 година досега.
– Успеав да направам една книга низ призмата на фотографијата, онака како што во моментот сум го чувствувал Велес низ објективот. Ги фотографирав сите настани од политичкиот, културниот и спортскиот живот во мојот роден град. Во книгата има од сите настани по неколку фотографии, од отворање фабрики, Рациновите средби, сите натпревари на македонската фудбалска репрезентација, рече Левков.
Дваесет и пет години од својот работен век Левков го минал во Народниот музеј во Велес и археолошкиот локалитет „Стоби“. Речиси педесет години ги фотографирал Рациновите средби, а во 2004 година ја добива и највисоката општинска награда 9 ноември. Како фотограф бил присутен на сите значајни настани во градот, но сепак најмногу време и внимание, со својот фотоапарат, посветил на старата велешка архитектура.
Староградската архитектура со љубов ја сликал и велешанецот Љупчо Данов. Со 90 рачно изработени цртежи, во техника туш на хартија, тој вчеравечер се претстави пред велешката публика. Ова е негова прва самостојна изложба и со неа одбележува јубилеј 25 години цртање. Преку изложбата данов го изразува својот револт од негрижата на институциите и граѓаните за старата велешка архитектура.
– Како мотиви во цртежите се старите велешки куќи, градската архитектура која надалеку е позната но за жал се губи. Оваа изложба е мој личен револт поради тоа што не само институциите туку и велешани за овие 25 години многу малку прават за да се обноват овие куќи. Меѓу овие цртежи има и куќи кои за жал веќе не постојат, освен на побелени фотографии, рече Данов.
Данов вели дека неговите цртежи ги има насекаде во светот каде што има велешани. И тој како и Левков, за својот придонес на полето на уметноста, има добиено 9-то ноемвриска награда.
Даниела Саздова