Заедничка изложба на Коруновски и Васков во Ликовен салон во Велес
Од скулптури на Ангел Коруновски и платна на Глигор Васков е составена изложбата „Рефлексии на херметичноста“ што синоќа беше отворена во Ликовниот салон во Велес. Делата се генеза, сублимација на денешното време на нив конекција, флуид, идентилно во мислата и интелектуалното, а различни во подрачјата на уметноста.
– Десетгодишното дружење, размисли, набљудување, илузи, сомнежи, визии на двајцата уметници, вроди, доведе само по себе до овој целисходен проект, заедничка изложба. Тежнеењето и нивното творење е во естетичноста на самото дело. Стремеж да се разбере онтолошката структура на делото независно од субјективноста на творецот или набљудувачот, …а сепак уметноста секогаш рефирира на одредена стварност. Апстрактни престави, преку строга геометриска знаковност и поредок, мултиплицирани структурни композиции, рече на отворањето на изложбата директорката на Народен музеј на Велес, Елица Николова.
Љубителите на скулптури и сликарство делата на уметниците ќе можат да ги погледнат во наредните десеттина дена во ликовниот салон во Велес.
Уметникот Глигор Васков завршил Факултет за Ликовни уметности во Скопје на одделот за сликарство во класата на Ристо Калчевски во 1991 година. Тој во изминатите дваесет и пет години е член на друштвото на Ликовни уметници на Македонија. Досега има остварено единаесет самостојни и повеќе групни изложби и во исто време учествувал на над 40 ликовни колонии во земјата и странство. Васков е добитник на повеќе награди. Тој работи како професор по ликовна уметност.
Уметникот Ангел Коруновски, завршил Факултет за Ликовни уметности во Скопје на одделот за скулптура во класата на Васил Василев 2002 година. Девет години подоцна магистрирал на истата катедра под менторство на Ибрахим Беди. Член е на друштвота на Ликовни уметници на Македонија од 2002 година и до сега остварил неколку самостојни и учествувал на 40 групни изложби како и на над 20 ликовни колонии во земјата и странство. Добитник е на повеќе награди. Коруновски од 2009 година е организатор на Ликовната колонија „Папрадишки мајстори“ која се одржува во Велес. Работи како слободен уметник.
Нивната изложба „Рефлексии на херметичноста“ финансиски ја помогна министерството за култура и е дел од годишната програма на Народниот музеј на Велес./У.Ј