Велешките музичари Ламњов и Марков се поблизу до светска кариера
Од овие двајца наши сограѓани Петар Марков Маруш – гитарист и Благој Ламњов Ламјата – кларинетист е составено новото музичко дуо Two Macedonians што во превод значи „Двајца Македонци“. Двајцата велешани деновиве се појавија со промотивна видео изведба со наслов „ Flamenco de Macedonia“. Нивната изведба воодушеви голем број на љубители на социјалните мрежи каде што се чини дека почнаа да ги добиваат своите први фанови. Нивниот број е голем.
– „Свириме само двајцата , како во живо така и во студио, без придружба на друг инструмент. Целта е да звучиме исто како на концерт така во студио. Едно професионално светско ниво. Изведбата ја снимивме во студио Анастасија во Скопје и аудио и видео, ” рече Благој Ламњов.
Тој пред две години се пресели во Малме од Чикаго со веќе изградена кариера од светски размери и настапи во Јапонија, Кина, САД, Канада и дваесеттина држави низ Европа.
– „Во Малме живеам и работам во моментов. Свирам класика и етно музика . Од класика работам доста во Malmö Opera and Music Theater, Helsingborg Symphony Orchestra, Skånska Operan. Етно музика свирам со два шведски бенда“, рече Ламњов.
До крајот на 2017та музичко дуо Two Macedonians планира уште најмалку четири видеа од овој тип.
Вториот член на дуото, Петар Марков е млад џез музичар кој студира на музичката академија во Штип но повремено патува за Гетеборг, Шведска, каде што добива часеви од Емил Ернебро, гитарист од светската класа на музичари.
Интересна е приказната за создавањето на ова велешко музичко дуо. Иницијативата е на Петар кој пред своите родители соопштил дека има намера да го запознае Благој и да му предложи соработка на што мајка му Гоца веднаш соопштила дека ја познава мајката на Благој, Гоца. Потоа двете мајки ги запознале, еден со друг, двајцата синови./У.Ј
Видео изведбата на „ Flamenco de Macedonia“ погледнете ја ТУКА