Валентина Стевановска и Миле Брцески,познати македонски скулптори, излагаат во Ликовен салон Велес
На првата изложба на Ликовниот салон во Велес,за годинава, скулпторката Валентина Стевановска се претставува пред велешани со четири реплики на штитовите на македонската фаланга преку кои ја пренесува љубовта кон татковината, нејзината историја и традиција. Со Стевановска исто така излага и скулпторот Миле Брцески. Петте скулптури на Брцески и четирите на Стевановска се составен дел на двете изложби со имиња „Македонија“ и „Компаративна игра“.
– Делата на Брцески нудат еден реалистично фигуративен концепт при што е реализирана идејата што е содржана низ процесот на метаморфози и трансформација на духовните и традиционални вредности прикажана преку играта на човекот – дете, преку полното и празното, преку блискоста и далечината. Стевановска преку четирите реплики на штитовите на македонската Фаланга ја пренесува љубовта кон татковината, нејзината историја и традиција.Следејќи го својот порив, трансформирајќи ја сложената приказна на македонското битисување , визуелно, Стевановска уметнички ја претставува во едно постмодерно разбирање на уметноста, рече на отворањето на изложбите директорката на Народниот музеј на Велес, Јелица Николова.
Изложбата ја отвори директорот на Управата за културно наследство проф д-р Виктор Лилиќ.
– Со овие изложби или промоции, се почесто одржувани во се поголем број на градови, ние како земја докажуваме колку високо сме ја дигнале современата македонска цивилизација што се крепи врз античката цивилизација. Како историчар на уметност јас долго време ја следев ситуацијата, па ке ги кажам моите чувства, дека долго време македонската скулптура беше во рацете на малкумина скулптори. Со доаѓањето на оваа Влада, се случија промени, сите сме сведоци,и наеднаш почна да се дава шанса на младите уметници и да се посветува внимание не само на современите текови туку и на традицијата, рече Лилкиќ.
Скулптурите на Стевановска и на Брцески, велешани, ќе можат да ги погледнат во наредните десеттина дена во Ликовниот салон во Велес./У.Ј