Нов превод на творештвото на Љупчо Михајловски на Бенгали јазик
Поемата „Откривање на постоењето“ на авторот Љупчо Михајловски е преведена во Индија на Бенгали јазик. Ја преведе Индиецот Библап Маје и ја отпечати во магазинот за култура „Исус од Калкута“. Станува збор за поема која припаѓа на вториот дел од научнофантастичната трилогија со наслов “Ѕвездена прашина“, на овој познат македонски автор на научна фантастика.
– Поемата е дел од циклусот на трансформација на човечкото битие од планетата Земја до еден сосема нормален и компактибилен елемент во универзумот. Во целото негово патување, во првиот дел, тој патник тагува по животот што го оставил на планетата Земја. Во вториот дел тој е на раскрсница помеѓу човечкото и вселенското. И во третиот дел тој станува едно ѕвездено дете. Пишувам за одговорноста на постоењето. Тоа е порака за секој Земјанин кој живее на планетата Земја без да сноси одговорност ни кон себе ниту кон другите. Страдалници се генерациите после нас на кои не им оставаме од она што треба да го наследат, рече Михајловски.
Првиот дел на оваа научнофантастична трилогија на Михајловски носи наслов „Осамениот летач“, вториот е „Ѕвездена прашина“ и насловот на третата е „Смртта на ларвата“.
Михајловски е задоволен од тоа што неговото творештво го освојува светот. Преводот на неговата поема „„Откривање на постоењето“ следи по минатогодишниот превод и објавувањето на извадоци од „Осамениот летач“ на Бенгали јазик во Калкута во книгата „50 Меѓународни поети“.
Претходно делови од творештвото на Михајловски се преведени и објавени на арапски, кинески, англиски, француски и италијански јазик./У.Ј