Во Велес објавена програмата на 52 Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“
Дванаесет театарски претстави годинава се влезени во официјалната програма на 52 Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Тие ќе се натпреваруваат за престижните фестивалски награди. Уметничкиот директор и селектор на Фестивалот, Петар Темелковски денеска како гостин во Театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес ги соопшти селектираните претстави кои театрите ќе ги одиграат од 9 до 16 јуни, годинава во Прилеп.
– Изгледав триесет и пет, шест претстави и од нив избрав дванаесет, во официјалната конкуренција на Фестивалот.Критериумот во изминатите десет години во кои јас сум уметнички директор секогаш е ист, се селектираат најдобрите и најквалитетните претстави, рече Темелковски.
Годинава, на овој реномирам македонски театарски фестивал ќе бидат одиграни претставите: „Тартиф“ од Молиер, во режија на Галин Стоев на Македонски народен театар, „Венецијанскиот трговец“ од Шекспир, во режија на Наташа Поплавска на Драмски театар Скопје, „Трудна приказна“ од Благица Секуловска на Театар Комедија од Скопје, „Ана Комнена“ чиј автор е Сашо Димовски, во режија на Ненад Витанов и Васил Зафирчев на НУКЦ “Јордан Х.К Џинот“ од Велес, “Вечера на ронките“ од Рефет Абази во режија на Кендрим Ријани на Албански театар од Скопје, „Отело“ од Шекспир, во режија на Деан Пројковски на Турски театар од Скопје, „Лазаревото писмо“ од Живко Чинго во режија на Љупчо Ѓоргиевски на Народен театар Штип, „Злосторство и казна“ од Достоевски во режија на Диего Де Бреа на Народен театар Битола, „Хон Габриел Боркман“ од Хенри Ибзен во режија на Горан Тренчовски на НУЦК „Антон Панов“ од Струмица, „Хај Фај“ од Горан Стефановски во режија на Јани Бојаџи на НУЦК “Трајко Прокопиев“ од Куманово, „Аналфабет“ од Б. Нујиј во режија на Горан Ризевски на НУЦК „Глигор Прличев“ од Охрид и „Љубовни пози на историјата“ од Горан Стефановски во режија на Наташа Поплавска на Театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.
Исто така, Темелковски додаде дека составот на фестивалското жири и годинава ќе биде објавен неколку дена пред почетокот на театарскиот фестивал кој ќе изобилува со нови содржини.
За носител на наградата за животно дело на годинешното издание на театарскиот фестивал е избран академик Митко Маџунков, македонски романсиер, раскажувач, драмски автор и есеист./У.Ј