Започнуваат 54 Рацинови средби
Со отворање на изложба на грнчарски дела насловена „Грнчарски средби Велес 2017“, чиј промотор е Здружението на граѓани „Разбој“, вечерва во Велес започнуваат 54 Рацинови средби. Изложбата ќе биде отворена во 19 часот во Ликовниот салон.
Потоа учесниците на манифестацијата посветена на великанот Рацин и неговото дело ќе присуствува на „Беседа за Рацин“ што ќе се одржи на платото пред Спомен костурницата , каде меѓу борците почива и Коста Солев Рацин. Програмата ќе започне со плутон и почесна стража на припадниците на АРМ како и со положување на свежо цвеќе .
Свеченото отворање на 54- тите „Рацинови средби“ ќе се случи во 21:30 часот во новиот театар во Велес.
Тогаш во рамките на програмска целина „Азбучарење по Рацин“ ќе биде доделена наградата „Антологија на болката“ на годинешниот добитник поетот Митко Апостолов . И на Марица Тренчева од Кавадарци, годинешната добитничка на наградата „Напиши љубов во 140 карактери“ ќе и биде врачена наградата. Потоа ќе се одржи Поетскиот митинг со учество на домашни и поети од странство.
Манифестацијата посветена на најпознатиот македонски поет во светот со неговата стихозбирка „Бели Мугри“, отпечатена во Самобор, Хрватска во 1939 година, продолжува и во сабота, на 10 јуни./У.Ј