Добитничката на Рациново признание за 2017 година, Ана Стојаноска: „Се што Рацин ни остави во наследство треба внимателно да го чуваме“
Наградениот роман со Рациново признание за 2017 година, „Јас и Лина, отпосле“, за авторката и годинешна добитничка Ана Стојаноска значи дека делото е читливо, блиско до читателите, како соѕвездие од приказни и живот напишан за да остави трага.
Градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев и ја додели наградата на добитничката а Стојаноска заблагодарувајќи се ја потенцираше големината и моќта на пишаниот збор.
-За мене ова признание значи дека сите зборови што си играле со мене и јас сум си играла со нив, пред повеќе од деценија, денеска си го нашле своето место во македонската лтература. Благодарам на комисијата и на организаторот на оваа значајна културна манифестација, на издавачот „Блесок“ , на сите читатели на романот и најмногу на моето семејство. Ова признание ме обврзува да пишувам по добро, по ново и актуелно. Пред се по мое а тоа значи да се откинат атоми од душата и да се претворат во збор, да прокрварат, воздивнат, одмолчените да вриснат низ напишаните реченици. Зборот има моќ да создаде цел еден свет и да промени цел еден живот. Затоа сакам да напоменам дека сето она што Рацин ни го остави како наследство треба внимателно да го чуваме. Ке го кажам неговиот и мој најомилен стих: „Блазе речи на душата, има зошто душа да е“, рече Стојаноска.
Малкумина беа присутни на затворањето на 54 Рацинови средби, во салата на новиот театар „Јордан ХК Џинот“, и имаа можност да ја слушнат искрената и лична порака на годинешната добитничка на престижната награда, театралог , универзитетска професорка на Факултетот за Драмски уметност или да слушнат за животниот и творечки пат на седумнаесеттиот добитник на Почесно рациново признание за 2017 -та, универзитетскиот професор Предраг Матвеевиќ од Загреб кој исклучително го почтувал Рацин. Нему признанието му беше доделено постхумно за афирмација на македонскиот јазик и култура во светот.
– Неговото семејство со благодарност го прифаќа признанието и како што рекоа бидејќи исклучително го почитувал Рацина, тогаш нему каде и да е сега, му е мило, рече Јелена Лужина од комисијата за доделување на Почесното рациново признание за 2017-та.
Коста Солев Рацин е најзнаменитиот велешанец во долгогодишната историја на Велес иако градот има многу дејци во сите области од општественото живеење , рече градоначалникот Славчо Чадиев на свеченото затворање на манифестацијата.
– Големината на Рацин е во вредностите кои што се вткаени во неговата поезија и во неговата проза. Тој е основоположник на современата македонска литература а неговите дела се темелник врз кои се гради македонскиот јазичен, книжевен и национален идентитет. Општина Велес посветува големо значение на оваа манифестација. Сакам да им порачам на младите, на идните генерации да го чуваат ликото и делото на Коста Солев Рацин, да ја негуваат неговата поезија и проза, да бидат горди на тоа што се негови следбеници, рече Чадиев.
Во чест на наградените на годинешните Рацинови средби концерт одржа пијанстот Дамир Имери.
Во изминатите два дена, педесет и четвртото издание на културната манифестација беше слабо посетенo од велешани, од членовите на Советот на општина Велес, од наставниците кои предават македонски јазик, од македонистите и немаше поети од странство. За разлика од минатите години кога во еден од двата дена на „Рациновите средби“ присуствуваше министерот за култура Елизабета Канческа Милева годинава ликот и делото на Рацин во Велес се славеше и без присуството на министерот Роберт Алаѓозовски./У.Ј